Интер во небрано: Ако остане Икарди, мора да си замине Перишиќ

Интер се пласираше во Лигата на шампионите, но „нероаѕурите“ сепак не ги разрешија финансиските проблеми кои ќе ги принудат летово да останат без еден од клучните фудбалери. Раководството на клубот прави се што може за да го задржи Мауро Икардо, но челниците се свесни дека „минусот“ од 50 милиони евра во финансиското работење ќе мора да биде надополнат со продажба на фудбалери во текот на летото.

Икарди има клаузула за заминување од 110 милиони евра и неговиот трансфер би бил голем удар за „нероаѕурите“ на играчки план, но од друга страна би ги отстранил сите финансиски проблеми на клубот. Доколку се случи Аргентинецот да остане во Милано, тогаш Интер ќе мора да го продаде Иван Перишиќ, вториот играч од кого би можеле да се заработат 50 милиони евра и да се покрие минусот во банкарските салда.

Хрватот минатото лето беше голема желба на Манчестер јунајтед, но Интер тогаш не дозволи трансфер. Лесно може да се случи да дојде и до понуда од Челси, особено доколку Азар си замине, а интерес покажува и Нико Ковач со Баерн Минхен, така што доколку Перишиќ стане достапен за трансфер, без проблеми ќе си најде нов клуб, и тоа од самата европска елита.

Се вчитува...