ИНТЕРЕСНО: Петте најзначајни македонски фудбалски моменти во историјата се на гостински терен! Време ли е за уште еден!?

Македонија ја очекува веројатно најголемиот фудбалски настан во историјата. Македонската репрезентација за првпат во својата речиси 30-годишна независна историја е на чекор до пласман на Светско првенство. Бараж-натпреварот со Италија во Палермо на 24. март од плејофот за место на Мундијалот во Катар е сигурно најголемиот фудбалски предизвик на земјата. Токму затоа, одбројувајќи до 20:45 часот на 24. март и дуелот на „Ренцо Барбера“, ги одбележуваме најзначајните лица и настани кои, на некој начин, имаат свој дел од мозаикот на патот до Палермо.
=============================================================================================================

Повеќе од интересен е фактот дека кога ќе се обидете да ги издвоите петте најзначајни фудбалски моменти во историјата на македонската репрезентација, сите пет се на гостински терен. Податок кој можеби индиректно доволно зборува за вечниот притисок кој македонските репрезентативци го чувствувале секогаш кога играле на домашен терен, па некако преку натпреварите одиграни надвор од Македонија најчесто сме го привлекувале вниманието на Европа.

Можеби сето тоа, на крајот на краиштата, е повеќе од добар знак и пред утрешниот натпревар со Италија во баражот за пласман на СП 2022. Можеби Палермо е на ред за запишување во историјата на македонскиот фудбал, по Крањ, Вадуц, Саутемптон, Тбилиси и Дуисбург…

1. КРАЊ – (13.10.1993 – СЛОВЕНИЈА – МАКЕДОНИЈА 1-4)

На 13. октомври 1993 година во Крањ, започна историјата на нашата фудбалска репрезентација. Стартуваше со блескав триумф од 1-4 против Словенија. Зоран Бошковски – Чоко засекогаш ќе остане запаметен во македонската историја како прв стрелец на репрезентативен гол. Во селекцијата во која беа Мицевски, Грозданов, Најдоски, Канатларовски, Јовановски, Марковски, Бабунски, Мемеди, Панчев, Јаневски…, а предводени од Андон Дончевски, головите за триумф ги постигнаа уште и Панчев, Јаневски и Канатларовски.

2. ВАДУЦ – (09.11.1996 – ЛИХТЕНШТАЈН – МАКЕДОНИЈА 1-11)

Убедливо најголемата победа на македонската репрезентација во историјата, дефинитивно запишана засекогаш во аналите на македонскиот фудбал. Неверојатни 1-11 во режија на селекцијата предводена од Ѓоко Хаџиевски во квалификациите за СП 1998. Дејви Главевски со хет-трик, Саша Ќириќ, Митко Стојковски и Тони Мицевски со по два погодоци и Ѓорѓи Христов и Ванчо Мицевски со по еден гол беа стрелци за Македонија на историскиот дуел во Вадуц.

3. САУТЕМПТОН – (16.10.2002 – АНГЛИЈА – МАКЕДОНИЈА 2-2)

Македонија во квалификациите за ЕП 2004 го запиша еден од најголемите резултати во историјата на македонскиот фудбал со ремито (2-2) на гостувањето против големата Англија. Тогаш, предводени од селекторската клупа од Никола Илиевски – Џиџи, сепак моментот кој силно оддекна во светот е и погодокот на Артим Шаќири директно од корнер кој засекогаш ќе остане во паметење. Вториот гол за Македонија беше дело на Ванчо Трајанов, а Стивен Џерард и Дејвид Бекам беа стрелци за Англичаните.

4. ТБИЛИСИ – (12.11.2020, ГРУЗИЈА – МАКЕДОНИЈА 0-1)

Натпреварот преку кој македонската фудбалска репрезентација го обезбеди своето прво учество на едно европско првенство. Во финалниот бараж од Лигата на нациите, Македонија предводена од селекторската клупа од Игор Ангеловски со 0-1 триумфираше против Грузија во Тбилиси со голот на Горан Пандев за учество на ЕВРО 2020.

5. ДУИСБУРГ – (31.03.2021, ГЕРМАНИЈА – МАКЕДОНИЈА 1-2)

Без сомнение, дуел кој засекогаш ќе остане запаметен во аналите на македонскиот фудбал. Вистински шок во светот предизвика триумфот од 1-2 во квалификациите за СП 2022 на Македонија против гигантот, повеќекратниот европски и светски шампион, Германија.Но, не респектирајќи никого, македонските репрезентативци славеа со погодоците на Горан Пандев и Елиф Елмас.

Се вчитува...