ИНТЕРВЈУ – Горан Веселиновски: Вративме долг од 650.000 евра, Работнички сега е на здрави нозе за атак на трофеи

Кошаркарскиот клуб на Работнички долго време имаше неславна навика, која до ден денеска ја имаат уште неколку тимови од елитното друштво – да трошат многу повеќе од она што го имаат како буџет. Тоа беше причина за бројни блокади од судски и извршни решенија, поради што „центарци“ се давеа во долгови. Трендот на крај на ова ова нереално трошење, но истовремено и почеток на враќање на огромните долгови од минатото, почна со доаѓањето на Горан Веселиновски на функцијата директор на најтрофејниот кошаркарски колектив.

Се уште е најтрофеен кошаркар во историјата на мак-баскетот по трофеите што ги освојуваше во дресот на „центарци“, но Веселиновски сега се покажува многу добро и во менаџерска улога, успевајќи да ги минимизира наталожените долгови кои беа огромни пред неговото доаѓање.

„Кога пристигнав во клубот, сумата што се должеше по најразлични основи, на поранешни играчи, тренери и директори, но и по друг вид на фактури, изнесуваше околу 36 милиони денари (600.000 евра). Згора на тоа, имавме околу 50.000 евра долг на име менаџерски провизии, а целиот тим за таа сезона, значи во месец февруари имаше земено само една и пол плата. Знаев колку е тешко, но и знаев како треба да се постави работата, дека Работнички никогаш нема да застане на здрави нозе ако тие долгови не почнат да се враќаат. Затоа, уште при доаѓањето најавив дека можеби нема да имаме конкурентен тим што веднаш ќе атакува на висок пласман, но затоа цел на новата управа со мене на чело ќе биде клубот финансиски да се консолидира“, вели Веселиновски.

Нешто повеќе од една година подоцна, состојбата е далеку подобра, па „центарци“ се многу блиску до целосна консолидација.

„Она на што сум исклучително горд е дека во овој период успеавме да вратиме огромен дел од тие долгови. Потпишани беа спогодби за враќање на сумите на рати, голем дел од тие спогодби се изреализирани, кај дел од нив останува да се исплатат уште по неколку месечни рати, но севкупно гледано, парите што се должат се минимални во однос на оние бројки од периодот кога дојдов назад во клубот. Како директор сум горд што играчите ги земаа сите плати што им следуваат според договорот, нешто што не беше случај во минатото и што е добра препорака за Работнички како клуб во преговорите за новата сезона. Сега се летни месеци во кои ќе немаме обврски кон актуелниот ростер, така што овој период ќе го искористиме за целосно чистење на долговите кон речиси сите доверители. Ако се биде во најдобар ред, а верувам дека ќе биде така, ние во месец септември би требало да дојдеме на „нула“, или да имаме сосема минимален долго кон некој доверител, што секако би бил покриен до крајот на годината. За оние кои се надвор од клубот можеби е нејасно каков е тој успех, да се исправи Работнички на здрави нозе за во иднина да атакува на трофеи. Би сакал тука да ја истакнам помошта од Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовсски, како и генералниот спонзор Мтел, кои застанаа зад нас и помогнаа на вистински начин“.

Сега ќе следи период на формирање на тимот со кој „центарци“ би сакале да направи чекор напред во однос на сезонава и да стигнат најмалку до финалето.

„Тоа беше нашата желба, да одиме чекор по чекор. По договорот со МТел добивме значителен ветер во грб и процесот го забрзавме, па нешто порано од планираното повторно ќе атакуваме на трофеи. Во моментов под договор за следната сезона ги имаме Марковски, Бакоч, Малешевиќ и младиот Шошкиќ, од кого сме презадоволни како ја одигра првата сезона на сениорско ниво. Во преговори сме за неколку домашни засилувања, но и за квалитетни странци кои ќе го кренат уште повеќе нивото на КК Работнички“.

Кога станува збор за тренерското место, тука не би требало да има никакви проблеми во текот на летово, па на кормилото ќе остане Димитар Мираковски.

„Јас и при доаѓањето на чело на Работнички разговарав со неколку стратези, тогаш Мираковски беше еден од ретките кој покажа храброст да го прифати предизвикот да дојде во тим со сериозни проблеми во буџетот и без преголеми амбиции. Сезонава што заврши беше исклучително тешка, во три ситуации бевме принудени на сериозни ротации во играчкиот кадар, што ја искомпликува задачата за целокупниот стручен штаб. И во таков развој на настани успеавме да стигнеме до полуфиналето од плејофот, да промовираме исклучителен млад талент како Шошкиќ и да постави здрави темели за наредната сезона“, дециден е на оваа тема Веселиновски.

Тој го нагласи и доброто функционирање на младинската школа, најавувајќи дополнителен развој и на овој аспект од работата на клубот во иднина.

„Во целиот процес на реорганизација издвоивме време и средства и на поставување на младинската школа. Задоволни сме од првите бројки, имавме над 100 дечиња за минибаскет, го освоивме првото место во М14 лигата, игравме на фајналфор во М18 лигата, младите кошаркари одлично се развиваат и очекуваме тој процес да биде уште поквалитетен и поефикасен во иднина. Втората екипа на Работнички го освои второто место во Втората лига и само поради правилото на федерацијата за ненастапување на играчите кои се со двојна лиценца, од нашиот прв тим, не успеавме да обезбедиме влез во елитата. Без оглед на тоа, како управа сме задоволни што е направен значаен чекор напред и од овој аспект на функционирање на клубот“.

Една од желбите на директорот на „центарци“ е КК Работнички повторно да заигра и надвор од границите на Македонија.

„Постојат одредени разговори дека би можеле да добиеме билет за влез во АБА2, како трета екипа од Македонија. Сметам дека тоа би било одлично, би добиле искуство од добри мечеви со квалитетни ривали што потоа би ни служело и за домашната сцена. Моја желба е Работнички да заигра и во АБА1, а јасно е дека тој пат мора да почне од втората лига на регионалното натпреварување. Заинтересирани сме дури и за некој од европските купови во организација на ФИБА, одлука што исто така како управа ќе ја донесеме во блиска иднина“.

Се вчитува...