ИНТЕРВЈУ – Анте Назор: Титулата мора да остане во Аеродром!

МЗТ Скопје и сезонава го продолжува трендот со „рингишпил“ од тренери во текот на сезоната. Анте Назор ја имаше таа (не)среќа да застане на чело на македонскиот првак во незгоден момент, со тим избран од друг тренер, а единствениот играч што самиот го доведе (Девин ван Острум) заработи тешка повреда на коленото. Во ситуација кога опстанокот во АБА е обезбеден, Назор погледите целосно ги насочува кон македонското првенство и Супер-лигата што стартува в петок. Пехарот од Купот на Македонија е загубен, но како што вели младиот хрватски стратег – титулата мора да остане во Аеродром.

Веќе три месеци сум овде и сигурно дека не можам да бидам задоволен со оглед на големите осцилации, од брилијантнен настап до многу лошо како што тоа беше случај од феноменалниот триумф над Олимпија, до неуспехот во Купот и слабата игра и заслужениот пораз од Игокеа, се во рок од десетина дена. Треба да се стабилизираме, да ги намалиме тие осцилации, како колективно, така и поединечно на одредени играчи, да знаеме што во секој момент можеме да очекуваме од играчите и така подготвени да го дочекаме стартот на Супер-лигата“ – го почнува Назор интервјуто за ЕКИПА.

nazor

Младиот хрватски стратег се нафати со сериозен предизвик, да го рехабилитира македонскиот првак, задача што дефинитивно е потешка отколку што очекуваше Назор пред своето доаѓање во Скопје.

„Некогаш кога во почетокот работите ќе се постават на некој начин лошо со селекцијата, но и со неконтинуитетот на тренерската функција, доведување и заминување на играчи, тогаш ваквите работи како ова што му се случува на МЗТ се сосема нормални. Фактички јас сум четврти тренер сезонава, крај Рајковиќ, Јончевски, па дури и Крстевски го водеше тимот една сезона. Знаев дека не доаѓам во клуб што се наоѓа во добра ситуација, но максимално бев мотивиран и ангажиран за некако ситуацијата да се подобри и да се насочи во вистински правец. Една работа што ме изненади беше неподготвеноста на екипата, за што немав многу простор да реагирам и да помогнам бидејќи во перидот на моето доаѓање игравме по два натпревари неделно. Згора на тоа,  серијата порази во Еврокупот доведе до психолошки пад на екипата. Потоа се насочивме само кон АБА-лигата, го зголемивме волуменот на работа. Реално, немаше играч што во овие три месеци не заработи некаква повреда и не мораше да паузира. Мислам дека само на дуелот со Мега лекс настапивме со сите кошаркари што ни беа на располагање. Сето ова се објективни околности за игрите и резултатите да бидат онакви какви што се“.

Воедно,  Назор најави и доведување на уште двајца кошаркари до крајот на преодниот рок, кој завршува в петок.

„Не сум фан на доведување на многу играчи среде сезона, бидејќи е многу тешко одново и одново да ја создаваш тимската хемија и во неа да вклопуваш нови индивидуи. Сепак, ете сега повторно сум приморан на такво нешто, тоа е како „магичен круг“ од кој не можеме да излеземе, но со заминувањето на Кларк и повредата на Ван Острум сега сме принудени до пред стартот на сезонава да доведеме две нови имиња, еден на позиција плејмејкер и еден крилен центар“.

ante nazor so zadar

Назор потенцира една главна задача пред почетокот на одбраната на титулата во Македонија – намалување на осцилациите во играта кои им создаваат многу проблеми на „металците“.

„Глупаво ми е да зборувам за минатото и да го коментирам начинот на работа на луѓето кои беа овде пред мене. Сигурно тоа се квалитетни стручњаци кои имаат одредена своја визија на играта, но тешко е во текот на сезоната неколку пати да се менува визијата, со самото тоа и стилот на игра, така што ги разбирам и играчите. Одговорноста секако во најголем дел е врз мене, да го извлечеме максимумот, колку е тоа возможно и затоа апелирам и до стручниот штаб и до играчите само со дополнителен напор на тренинзите и на натпреварите можеме да го оствариме тоа. Со трите победи во низа во АБА покажавме дека можеме да играме врвна кошарка и неверојатно е како сега доаѓа до толку голем психолошки пад, да се помисли дека ние за десетина дена сме заборавиле да играме кошарка, што секако не е точно“.

МЗТ Скопје веќе загуби еден од двата лански трофеи, откако во Купот на Македонија уште во полуфиналето беше шокиран од тимот на Фени индустри, во меч во кој „металците“ имаа четири поени предност на дваесетина секунди до крајот, за на крајот да претрпат минимален пораз.

„Сум видел се и сешто во кошарката, тој меч ме потсетува на дуелот во АБА-лигата во сезоната 2012/2013, кога со Задар го победив Партизан, тоа беше меч во кој паднаа девет поени за четири секунди игра. Искрено, помислив дека на „плус четири“ на дваесетина секунди до крајот полуфиналето е завршено, за жал се покажа дека не е случај. Требавме и порано да го решиме прашањето на победникот, но и во таа ситуација на гостински терен моравме да реагираме подобро, прво да не дозволиме чист шут за тројка, а второ згора на тоа направивме лична грешка и им подаривме уште и две слободни фрлања на противниците“.

ante nazor i malinkov

Според Анте Назор, МЗТ Скопје е подготвен за предизвикот што го носи стартот на Супер-лигата, а целта е една и единствена – „металците“ да стигнат до нова шампионска титула.

„И пред Купот на Македонија следев натпревари во БИБЛ и во домашното првенство, знам дека има жешки терени и квалитетни екипи кои можат во даден да победат секого. Ќе се игра тврда кошарка, тоа можевме да го осетиме на своја кожа во Кавадарци, не само против Фени, туку и против Кожув, тим што е многу квалитетен. Сигурно тука се и Работнички и Куманово, крај Карпош соколи, кој покажа карактер и „хемија“ во вториот дел од сезоната во АБА-лигата. Мислам дека пред нас е многу тежок предизвик и затоа мораме што поскоро да ги решиме нашите проблеми и да влеземе во сезоната со авторитетот што овој клуб го заслужува. МЗТ Скопје мора да биде шампион. Тоа е наша обврска и ние ќе сториме се за да ја исполниме“.

Поголемиот дел од македонските кошаркари не добиваат преголема минутажа кај овој стратег, кој гласно им порачува за позначајна улога на тимот да се изборат со борбеност и напорна работа за време на тренинзите.

„Мислам дека првенствено треба да се работи, за да се достигне на ниво на АБА-лигата. Играчите мора да се наметнат на тренинзите, да се изборат за своето место во тимот, едноставно со своето залагање на тренинзите да ја загрозат позицијата на стартери што во моментов им припаѓа на странските кошаркари. Во периодот кога дојдов и кога се укажа шанса на позицијата на Мекиќ, за жал и тој имаше повреда и извесен период беше надвор од тренажен процес и надвор од тимот. Што се однесува до Младеновски, тој има можеби најдобра ситуација, секојдневно маркирање на тренинзите со Скот и со Лалиќ, кои се играчи со одредени квалитети. Тој мора да покаже волја, желба и борбеност секој ден да им се спротивставува во најосновните кошаркарски елементи – борба за позиција, скок во нападот, да добие на тренингот сигурност и тоа потоа да го покаже и за време на натпреварите.  На дуелот со Кожув токму Младеновски целосно одговори на предизвикот, но тој мора тоа да го покажува константно“ – вели Назор и продолжува со кратката анализа на Стојан Ѓуроски и Марко Симоновски: Тука е и Ѓуроски, но и тој имаше проблем со повредата и паузираше еден месец. Тој покажува силна енергија, волја и агресивност, верувам дека ќе игра се подобро и подобро како што одминува времето. Секако, тука е и нашиот капитен Марко Симоновски, кој ја презеде и улогата на лидер во соблекувалната, тој е моја десна рака кога станува збор за играта, но и за спроведување на кодексот на екипата. Играчки гледано, тој е извонреден шутер со богато искуство и не се сомневам дека  во македонското првенство ќе биде играч на кого во секој момент ќе можеме да се потпреме“.

ante nazor megu igraci

Покрај работата со првиот тим, Назор обрнува внимание и на функционирањето на младинската школа во клубот, па веќе и вклучи неколку јуниори на тренинзите на првиот тим.

„Вклучивме и четири млади играчи во тренажниот процес. Јас цело време потенцирам дека сум овде за да помогнам, затоа и сум во контакт со тренерите од младинската школа. МЗТ има над 400 деца, бројка за респект, во секоја генерација има играчи на кои треба да се обрне особено внимание, ние направивме чекор напред. Базата е голема, од таа база може да се селектираат играчи, а за значајноста на работата на младинската школа најдобар доказ ќе биде вадењето на играчи кои ќе можат да одговорат на носење на дресот на МЗТ Скопје на сениорско ниво“ – заврши Назор.

Се вчитува...