ИНТЕРВЈУ – БОБИ МИЛЕВСКИ: Отворено за сите репрезентативни случувања во 2023, за Манчестер но и за Италија и Англија, за критиките и за пофалбите, за новата репрезентативна „крв“ која сега доаѓа!

Благоја Милевски, сосема очекувано за сите оние кои подобро ги познаваат фудбалските состојби во и околу македонската репрезентација, по квалификацискиот циклус за ЕП 2024 ја продолжува својата акција на селекторската позиција. Продолжувањето на договорот со ФФМ претставуваше само формалност како заокружување на досегашната меѓусебна соработка а по изминатиот квалификациски циклус кој е позитивно оценет и од челниците на ФФМ, но и од македонските репрезентативци кои изминатиов месец, иако јавно не обелоденето, инсистираа на останувањето на Милевски на чело на националниот тим.

Македонија се најде во убедливо најтешката квалификациска група за ЕВРО 2024 со финалистите од претходното европско првенство, и плус Украина како учесник на ЕВРО 2020, за да на крајот, се чини, објективно погледнато освен оној натпревар против Англија на „Олд Трафорд“ и нема од што да се срами низ изминатите квалификации. Иако, бодовно до крај не изгледа така. Напротив, како што вели Милевски низ отвореното интервју за ЕКИПА како заокружување на 2023 година, репрезентативците и националниот тим може само да бидат горди од начинот на кој се одиграа последните шест натпревари, од септември до ноември, и тоа против европските гиганти во момент кој дојде веднаш по оној убедлив пораз во Манчестер.

Според човекот кој домашната јавност го препознава како тренер со перфектно око за препознавање и промоција на нови имиња на фудбалската сцена уште од времето кога ја однесе Македонија за првпат во историјата на едно Европско првенство во 2017 година, па се до овој циклус кога на сцена промовираше нови млади фудбалери пуштајќи ги во коштец со едни Италија и Англија, кога би се оценувала изминатава репрезентативна година јасно е дека ќе ја паметиме по онаа црна дамка од „Олд Трафорд“ но и по оние огромни ремија со Англија и со Италија, репрезентации кои тежат по милијарда евра наспроти „малата“ Македонија.

„Квалификациите може да ги оцениме низ неколку аспекти. Резултатски, најпрво, ако се погледнат противниците и тежината на групата може да се каже дека минавме очекувано иако останува горчината поради недостастокот на најмалку 5-6 бода кои ги заслуживме според игрите а ги испуштивме. Но, ако вистински објективно сакаме да погледнеме тогаш и, со оние ремија против двата финалисти од последното Европско првенство – Англија и Италија, некако дури два бода сме во плус од она што би можело да се очекува, ако се погледне рејтингот и квалитетот и на Англија и на Италија и на Украина кои се далеку пред нас, по било кој параметар анализирано. Второ. Ако ги оценуваме квалификациите низ оној психолошкиот момент, мислам дека и токму тие два натпревари против Италија и Англија во Скопје ни овозможија да созрееме како тим и ни го покажаа курсот како треба да изгледа и функционира националниот тим. Последните шест натпревари, односно последните три собири, и покрај тоа што интегриравме многу млади играчи и дебитанти во тимот, ни го дадоа токму оној лик кој јас го посакувам и го посакував пред стартот на квалификациите. Но, ете, тоа подмладување и смена на генерации, кои ние како стручен штаб го планиравме, некако дојде во од поради низа моменти. Секако тоа подмладување донесе и одредени падови во играта низ тие шест дуели, но генерално останува фактот дека сите тие шест натпревари против три селекции од самиот светски врв, дополнето и со оној гостински натпревар со Малта, ги одигравме навистина доста зрело, константно, тимски а негувајќи ја нашата определба за атрактивен фудбал против секого“ – го почнува нашиот разговор Милевски.

А, за што може да жалиме од изминатиот квалификациски циклус?

„Може само да жалиме, што таа игра не ни донесе резултатски повеќе од мечевите со Украина, и во Скопје, а секако и оној во Прага затоа што од начинот на кој ги одигравме двата натпревари мора да бидам задоволен. Искрен да бидам, од начинот на игра, погледнато од тактички план, од одговорност и од дисциплина во игра, сум позадоволен од играта на дуелот во Прага, и затоа од овие квалификации ако единствено нешто жалам тоа се тие два натпревари против Украина од кои заслуживме многу повеќе од тоа што бодовно добивме. Затоа кога се ќе се сумира, мора да бидам задоволен посебно од оние три последни собири како изгледавме како тим, и кои ни дадоа патоказ како треба да се гради репрезентацијата во иднина. Создадовме ростер на кој репрезентацијата ќе се темели најмалку во следните три циклуси“ – дополнува македонскиот селектор.

НЕ СЕ ТОЧНИ КОНСТАТАЦИИТЕ ДЕКА ПОРАЗОТ ОД УКРАИНА ВО СКОПЈЕ БИЛ ПОРАДИ ПОГРЕШНИТЕ ЗАМЕНИ

Кога сме веќе кај тој натпревар со Украина, тврдењата на дел од фудбалската јавност беа дека оној дуел во Скопје, по извонредно одиграни 60 минути и водство од 2-0, го загубивме само поради погрешните замени…

„Тотално не се согласувам со констатацијата дека поради измените е загубен натпреварот со Украина во Скопје. Прво, замените беа подготвени да влезат уште при водството од 2-0 за нас. Но, го примивме тој прв погодок од прекин, па беа реализирани замените. До тој момент бевме навистина доминантни на терен, а замените не променија апсолутно ништо ниту во формацијата ниту во тактичката поставеност на тимот, за да ние кажеме дека нешто сме промениле иако сме биле доминантни. Не. На местото на Несторовски во нападот во игра влезе Милан Ристовски, на позицијата десен бек на местото на Ашковски во игра влезе Брдаровски и Адеми сам побара замена, па во игра влезе Атанасов, сосема идентичен играч. Тоа значи, позиција за позиција, и свежи играчи кои требаше да донесат само рамнотежа и да одговорат соодветно од физички аспект. Е сега, како тренер, никогаш не може да предвидите како тие играчи ќе се однесуваат на терен. Тренерот ги внесува играчот на терен врз основа на сите претходни показатели за неговите перформанси и квалитети, а како и дали ќе ги исполни барањата никогаш не може да предвидите. Од друга страна, факт е и дека дека ниту еден од нововлезените играчи не беше директен виновник за примените голови или посериозни грешки на терен. А, определбата на поединци да бидат „генерали по војна“, па некако постојано да мудруваме после секој натпревар кој и како требало да игра, секогаш ја има и ќе ја има. Но, издржаната анализа со факти е едно, а паушалните обвинувања се друго“.

МАНЧЕСТЕР СЕКОГАШ ЌЕ МЕ БОЛИ КАКО ЕДНА ЦРНА ДАМКА И ЗА МЕНЕ ЛИЧНО И ЗА МАКЕДОНСКИОТ ФУДБАЛ

Натпревар кој и тоа како некако остана под знак прашалник во изминатава година, погледнато низ призмата на издание на терен, е секако дебаклот во Манчестер на „Олд Трафорд“… Што се случи? Дали можеби токму тој несреќен пораз од Украина во Скопје се рефлектираше потоа и на случувањата во Англија и убедливиот пораз од 7-0?

„Секако дека сите случувања на мечот со Украина во Скопје и начинот на кој се загуби тој натпревар, влијаеја како од психолошки така и од физички аспект на случувањата во Манчестер. Во јунскиот период, по крај на една сезона во која реално поголемиот дел поради минутажата воопшто не беа во натпреварувачка форма, а по едно емотивно испразнување поради начинот на кој се загуби од Украина ни дојде тоа издание со Англија. Во секој случај, тој натпревар засекогаш ќе остане една црна дамка за нашиот репрезентативен фудбал иако почетокот на мечот, до тој прв гол и тие први 30 минути, воопшто не навестуваа таков катастрофален резултат. Да, тој натпревар ќе остане и лично моја црна дамка, и како тренер и како селектор, но и за македонскиот фудбал воопшто за што навистина ми е жал. Но, мене ми е навистина мило за начинот на кој потоа се вративме, по еден таков натпревар, веќе на следниот натпревар против европскиот шампион Италија. Начинот на кој го одигравме тој меч во Скопје покажа и докажа дека овие момци имаат и карактер и потенцијал да бидат на навистина високо ниво“.

СО СТЕФАН РИСТОВСКИ ИМАВ ПОДОЛГ ПРОФЕСИОНАЛЕН РАЗГОВОР, ЖАЛ МИ Е ШТО ТАКА ОДЛУЧИ

По тој меч во Англија дојде и откажувањето на Стефан Ристовски од националниот тим, кој никогаш подетално не ги истакна причините за еден таков чин, освен кратката информација на социјалните мрежи дека поради различни гледишта со селекторот ќе паузира од репрезентацијата. Кои се несогласувањата на селекторот Милевски со Ристовски што го принудија на такво нешто?

„Да бидам искрен, навистина се уште не знам кои се причините за таа одлука на Стефан затоа што при моето доаѓање на селекторската позиција, моја одлука беше тој да биде предводникот на тимот. Да, имав со него подолг отворен, директен и професионален разговор пред да ја донесе таа одлука на кој ми кажа некои свои ставови околу начинот на кој тој мисли дека треба да функционираат некои нешта во репрезентацијата. Јас, пак, ги кажав моите ставови, и остана на тоа да размисли добро и да донесе конечна одлука. Тоа се случуваше во јули, а во август, за жал, одлучи така како што одлучи. Јас ја почитувам таа негова одлука, од професионален аспект, и со тоа завршува се“.

НИЗ ПОСЛЕДНИТЕ ШЕСТ НАТПРЕВАРИ ОД КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2024 ИЗГРАДИВМЕ ТИМ ЗА СЛЕДНИ ТРИ ЦИКЛУСИ КОЈ И ТОА КАКО ИМА ИДНИНА!

Тому сите тие случувања во јуни, потоа го донесоа некако подмладување во националниот тим. Квалификациите за ЕП 2024, посебно тие последни шест натпревари, дадоа нови имиња во репрезентацијата како Јован Манев, Бојан Димовски, Јани Атанасов, Исник Алими, Агон Елези, Димитар Митровски, Ахмед Илјазовски кои дебитираа под вашата палка а кои и тоа како ја оправдаа довербата и го привлекоа вниманието на фудбалската јавност… Всушност, најдобрите резултати во квалификациите и оние ремија против Италија и Англија беа со новиот подмладен состав.

„Ние секако пред нас, како стручен штаб, имавме зацртана цел за трансформација во националниот тим. Можеби не во тој момент и во таков степен, затоа што среде еден квалификациски циклус не може да реализирате промена на тим и подмладување. Но, ситуацијата така наложуваше, а посебно и по оние два натпревари со Украина и Англија во јуни, во септември веќе сметав дека е созреано време за некои нови имиња. После еден таков резултат во Манчестер, знаев дека мора да следи „шок-терапија“, да се направи нешто за да се внесе нова енергија, да се даде нов импулс на тимот. Едноставно, тоа е задолжително за еден нов почеток, нов ентузијазам и нова енергија. И сето тоа на крај се покажа како повеќе од успешен погодок на моментот кога треба да се внесе свежата крв во репрезентацијата. На следниот натпревар против Италија во Скопје имавме тројца стартери дебитанти, млади играчи, а дополнети и со новите имиња како Исник Алими и Ахмед Илјазовски кои очигледно дадоа сериозен придонес во новата енергија во тимот. Во септември, за разлика од јуни, го имавме и Миовски кој претходно отсуствуваше поради повреда па во суштина безмалку веќе имавме половина нов тим, нов костур како темел за идниот изглед на репрезентацијата“.

Боби Милевски, уште од 2014 година домашната јавност некако го препознава како тренер со перфектно око за пронаоѓање вистински фудбалски репрезентативен квалитет. Така беше и со онаа генерација од 2017 година кога малку познатите во тоа време Барди, Алексовски, Бејтулаи, Муслиу, Николов, Мурати, Демири, Ангелов… ги вклопи во една целина и Македонија ја однесе на првото историско европско првенство. Сега, пак, факт е дека ретко кој тренер против европски шампион ќе се впушти со таква промена на тимот давајќи шанса на млади дебитанти стартери како Манев, Елези, Атанасов, Димовски…

„Тоа се играчи кои и тоа како ја оправдаа довербата на мое задоволство, но верувам на задоволство и на целокупната наша спортска јавност и кои покажаа дека се наша иднина. И секако и во иднина ќе бидат дел од костурот на тимот, но сега и далеку поискусни со натпревари зад себе против гиганти како Италија, Англија и Украина, и со многу поголема репрезентативна самодоверба… Тоа искуство и за нив ќе биде од корист, и знам дека во иднина може уште многу што да покажат“.

ГОРД СУМ И СЕ ВОСХИТУВАМ НА СИТЕ ФУДБАЛЕРИ КОИ И ПОКРАЈ КЛУПСКИТЕ ПРОБЛЕМИ ДОАЃААТ ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА И СО СЕТО СРЦЕ ДАВААТ ПОВЕЌЕ ОД МАКСКИМУМОТ ЗА МАКЕДОНСКИОТ ДРЕС!

Кога ќе се погледнат изминатите две години ваше селекторување, да бидеме реални, се очекуваше по настапот на ЕВРО 2020 репрезентативците да блеснат повеќе и низ клупските кариери. Но, наспроти тоа дел од нив дури и ги напуштија Премиерлигата, Бундеслигата или Ла Лига каде настапуваа, а се соочија и со недостасток на минутажа… Сето тоа, неизбежно, носи товар за репрезентацијата!?

„Изминатава година за жал постојано се соочувавме со проблемот што поголемиот дел од нашите репрезентативци се соочуваа со проблеми на клупско ниво, со помала минутажа или воопшто не играа во клубовите. Натпреварувачката форма недостасува, но сето она што го покажуваат на терен кога ќе дојдат во репрезентацијата јасно покажува дека момците со цело срце се даваат себе си во националниот дрес. Тоа е гордост за мене, а за восхит и максимална почит кон нив. И покрај сите проблеми со кои се соочуваат на клупско ниво, кога ќе дојдат за Македонија даваат далеку повеќе од 100% од своите можности и низ подготовките и на самите натпревари. И сите проблеми кои ги имаат во клубовите ги ставаат на страна и комплетно се ставаат во функција на Македонија и тоа што се бара од нив. Затоа никогаш не можам да замерам никому кога ќе го видам дека целиот се вложува за македонскиот дрес, без разлика дали ќе одигра добро или лошо на пооделен натпревар. Тие живеат пред се од клубовите, и јасно ми е под каков психолошки притисок се ако имаат проблеми во својата клупска средина. Но, секогаш ја добиваат мојата почит кога ќе видам како вистински се вложуваат за Македонија, оставаат се зад себе, и срцето го даваат за репрезентацијата!“

Македонија следнава година ја очекува од септември новата сезона во Лигата на нациите. Во Лигата Ц, во очекување на ждрепката за групата во февруари, можни се противници како Шведска, Романија, Бугарија, Азербејџан, Ерменија, Косово… Пред тоа, пак, во март и во јуни термините за пријателски натпревари кои треба да го подготват тимот за септемвриските предизвици….

„Идејата и планот за следната година е репрезентативно да се надоврземе на изданијата кои ги демонстриравме против Италија и Англија во Скопје и против Украина во Прага. Тоа треба да ни биде патоказот за идниот изглед на тимот. Колку и да некои не сакаат реално да погледнат, но перформансите кои ги покажавме токму низ овие натпревари со Италија, Англија и Украина го подигнаа македонскиот рејтинг па може лесно да забележам дека сега и тоа како сме примамливи за најсилните европски селекции и за пријателски натпревари. Договорените пријателски натпревари со учесниците на ЕП 2024, Хрватска и Чешка, како и со Молдавија која имаше одлични квалификации за ЕП и е селекција во страшен подем, се смислено одбрани за да имаме тешки и квалитетни натпревари кои ќе ни помогнат да напредуваме како тим и добро да се подготвиме за настапите во Лигата на нациите кои почнуваат во септември. Моето размислување е дека доста се контролни натпревари со полесни противници. Да, можеби ќе победите на тие дуели, но мислам дека нема да ја добиете реалната слика за тимот која ви е неопходна да ја креирате идејата за тоа што ве очекува на официјалните натпревари. Со нетрпение ја очекуваме ждрепката за Лигата на нацииите, и верувам ќе добиеме противници по мерка против кои Македонија ќе го покаже сиот свој потенцијал и квалитет кој го демонстриравме изминативе неколку месеци“ – вели селекторот Боби Милевски.

Се вчитува...