Интервју – Бојан Димоски: Како мал си замислував како играм за репрезентацијата, а сега го живеам сонот

Многу работи се случија во изминатата 2023 година во националниот тим на Македонија. „Некои нови клинци“ добија шанса, и максимално ја искористија, наметнувајќи се кај селекторот Благоја Милевски за идните квалификациски циклуси во Лигата на Нации, и во квалификациите за СП и ЕП. Милевски доби нов мандат да ја води репрезентацијата, а низ изминатите квалификации доби јасна слика за некои играчи кои со своите настапи во дресот со државниот грб, и тоа како се наметнаа да бидат носители на „новата Македонија“.

Еден од нив е Бојан Димоски. Играчот кај кого нема голема „фама“, но максимално прецизно точен и борбен на теренот, се наметна како решение за таа десна бековска позиција после објавувањето крај на Стефан Ристовски некаде кон средината на минатата година. Димоски очекувано или не, се најде во првиот состав и на дуелите со Италија и со Англија во квалификациите, и ја искористи својата шанса.

Димоски вели дека 2023 година оставила големи траги во неговиот живот, со оглед дека стана капитен на тимот, направи интернационален трансфер, а во финишот од истата се вметна и како стандарден во националниот тим.

„Многу позитивни работи ми се случија во 2023 година. Станав капитен на Академија Пандев, што за мене беше голема чест, ако се има во предвид дека таму имаше играчи кои потекнуваат од таа школа, и поискусни од мене. Потоа следуваше трансферот во Русија, па станав стартер на репрезентацијата на дуелите со велесилите Италија и Англија“, вели Димоски.

Репрезентативецот вели дека му било чест што бил стартер со такви велесили, и дека ја памети секоја минута од истите.

„За натпреварите со Италија и со Англија можам да зборувам многу. Ја паметам секоја минута од истите, едноставно играш против едни такви ѕвезди, и јас искрено уживав во натпреварите. Секако, на теренот сите бевме мотивирани и дадовме се од себе. Одлично е да се одигра нерешено со Англија, со една таква велесила која според мене е една од најдобрите светски селекции во моментов. Мене лично ми донесоа големо искуство за во иднина. Не беше лесно со тие противници. До вчера ги гледав на телевизија, а сега имав можност да играм против нив. Пеколно беше темпото, одигравме добро, а знам дека јас можев и подобро, но возбудата го правеше своето. Сакам да му се заблагодарам на селекторот за укажаната доверба“, кажа Димоски.

Тешко беше да се очекува дека во една група со велесили како Англија и Италија, Македонија ќе обезбеди место на Европското првенство оваа година. Сепак, можеше да се има повеќе бодови, особено после дуелот со Украина на домашен терен, кога Македонија „прокоцка“ водство од 2-0 на полувремето.

„Имавме страшно тешка група. Имаше и доста промени во ростерот. Мораа да се менуваат играчи кои претходно донесоа голем успех на Македонија, и кога се прави една такв трансформација, секогаш треба време. Ние помладите кои добивме шанса, стекнавме многу искуство, и покрај тоа што игравме само неколку натпревари. Тоа искуство ќе биде драгоцено за понатаму. Сметам дека имаме сила, имаме квалитет. Натпреварот со Англија дома, поголем дел од мечевите со Италија и Украина на наш терен, даваат надеж за подобри резултати во иднина“, вели Димоски.

22-годишниот фудбалер го опиша чувството да се игра за националниот тим на Македонија.

„⁠Ех, да можам да го опишам тоа чувство…Чувството е она истото кое се јавува кај секое дете што првпат ги облекува копачките и дресот и тогаш првпат замислуваш како играш за репрезентацијата и ја пееш химната, тоа чувство од дете, кога си замислував како играм и гинам за Македонија, јас вистински го доживеав сега. Голема придобивка е што покрај нас се дел од хероите кои до пред 2-3 години ги следев на телевизија на Европското првенство кои имаат уште многу да дадат за репрезентацијата, а ние покрај нив да напредуваме и се надевам дека еден ден одново ќе играме на едно големо натпреварување, овој пат сите заедно. Македонија има квалитет, има светла иднина“, рече репрезентативецот.

Димоски во моментов игра на десната бековска позиција во националниот тим, иако може да игра и на левата, со оглед дека е играч кој игра со левата нога.

„За мене е најдобро да играм на левата бековска позиција, но не ми преставува проблем да играм и на другата страна. Секогаш за Македонија ќе играм онаму каде што ќе ми каже селекторот, и јас немам проблем со тоа. Подготвен сум секогаш да одговорам на секоја позиција“, вели Димоски.

Македонија после долго време доби играч кој игра во Русија. Во моментов Димоски е дел од Акрон Тољати, и објаснува како е да се биде дел од рускиот фудбал, кој доби суспензија од УЕФА, и не може да игра меѓународни натпревари, а дополнителен хендикеп е фактот што руските екипи тешко закажуваат и подготовки и пријателски натпревари.

„Настапите во Русија за мене се ново поглавје во кариерата. После шест месеци, видов дека таму се работи двојно повеќе од кај нас. Мојот клуб е на чекор од влез во Првата лига. Сето она кое се случува таму, јас не го чувствувам како хендикеп. Репрезентативните настапи за мене се прозорецот кон Европа“, коментира Димоски.

Дали добрите настапи во репрезентацијата и во Русија може да му донесат и трансфер во подобар клуб?

„Има контакти со неколку клубови, но прво би сакал со мојот клуб Акрон да влезам во Првата лига. Ако дојде добра понуда за мене, но и за клубот, тоа ќе биде супер можност уште повеќе да напредувам. Мое е да работам напорно и дисциплинирано, а друго се само ќе дојде“, заврши Димоски во интервјуто за ЕКИПА.

Се вчитува...