ИНТЕРВЈУ – Димитар Митревски: Oваа титула е награда за цела Битола, догодина одиме по двојна круна

Еурофарм Пелистер по 18 години пауза успеа да се врати на тронот на ракометна Македонија, откако во најдраматичниот плејоф во последната деценија битолчани завршија пред Алкалоид и Вардар, осигурувајќи ја титулата на едно коло до крајот.

Димитар Митревски е меѓу главните луѓе во овој проект уште од самиот негов почеток, а директорот на „пелистерци“ во разговорот за ЕКИПА не го крие задоволството од остварувањето на големиот сон – враќањето на титулата назад во Битола.

„Чувството е навистина прекрасно. Имав 17 години кога последен пат бевме шампиони, се уште се сеќавам на таа сезона, но фактот дека е доста далечна само ја прави оваа титула уште позначајна за сите нас. Радоста е огромна, чекавме долго, ние како управа четири години го освојувавме второто место, но работевме напорно и во ниту еден момент не се откажавме, на крајот стигнавме до посакуваниот резултат Дочекавме да се радуваме, оваа титула е награда за цела Битола. На секој чекор луѓето слават, поздравуваат, веќе мина една седмица, но еуфоријата не стивнува, тоа најдобро кажува колку овој трофеј им значи на битолчани. Голем дел од ракометарите го немаат доживеано тоа и се зачудени, целото ова искуство дефинитивно е еден огромен плус за сите во клубот, но и за целиот град“, го почнува Митревски разговорот за ЕКИПА.

Еурофарм Пелистер и лани беше многу блиску до титулата, но го загуби клучниот дуел на домашен терен со Вардар.

„Искрено, лани беше многу тешко бидејќи имавме се во свои раце, но не успеавме. Направивме реконструкција, застанавме на нозе, со десет нови играчи (заедно со оние од втората екипа),со нов тренер и нов концепт отидовме чекор напред. Во текот на сезоната немаше резултати, но не се предадовме. Сезонава ништо не беше лесно, ништо не ни беше дадено без борба, но успеавме да ги надминеме сите проблеми со кои се соочивме и го остваривме големиот сон. На крајот имавме и спортска среќа, се поклопија работата за на крајот да стигнеме до титулата. Сепак, исто како и лани сега не чека уште поголема работа за да се подготвиме и играчки и организациски, за предизвикот наречен ЛШ“.

„Пелистерци“ минатото лето го ангажираа Данецот Ларс Валтер за нов тренер на местото на Бабиќ, но скандинавскиот стратег не успеа да ги оправда очекувањата и мораше да биде сменеет.

„За Ларс Валтер имам само позитивни зборови, тој беше апсолутен професионалец. Имавме некоја првична идеја со дански тренер да се отвориме за тој скандинавски пазар, бидејќи таму има квалитетни ракометари кои никогаш не размислуваат за Македонија како дестинација. Од тој аспект, мислам дека успеавме бидејќи двајцата Данци кои дојдоа кај нас имаат само пофални зборови за клубот, за Битола како град и за македонскиот ракомет. Валтер  одлично си ја работеше работата, нос сечувствуваше и преголем притисок, дека мора да се дојде до таа титула, имавме и проблеми со повреди. Можеби во тоа менаџирање на криза не се снајде најдобро и моравме да донесеме одлука за смена на тренерот, што секогаш како управа е една од најтешките одлуки што може да се донесе“.

Се споменуваа различни опции по заминувањето на  Валтер, но „пелистерци“ се решија за интересна варијанта – ангажирајќи ги Александар Јовиќ и Звонко Шундовски како тренерски тандем за вториот дел од сезоната.

„Одлуката за тандем беше донесена во комуникација со нив двајца, бидејќи и едниот и другиот покажаа сериозен интерес за ваква опција. Многу беше значајно за нас во тој момент, што и Шундовски и Јовиќ не покажаа ниту ронка его, туку целосно се посветија на доброто на клубот. Добро е познато искуството на Звонко, сето она што го има направено за Пелистер во минатото, реномето што го поседува. Од друга страна, Јовиќ веќе имаше работено со дел од првотимците како тренер на вториот тим, каде покажа одлични тренерски квалитети. Решивме да ги соединиме нив двајца, тоа се покажа како одлична одлука и тие дефинитивно ќе останат на клупата и за наредната сезона“, вели Митревски.

Првиот оперативец на Еурофарм Пелистер е задоволен од нивото на ракомет прикажано севкупно во плејофот, како индиција дека можеби треба да се размислува и за кратење на лигата во иднина, за да се добие квалитет наместо квантитет.

„Морам да кажам дека плејофот беше навистина интересен, квалитетен ракомет, полни сали, неизвесни завршници. Сметам дека можеби треба да се размислува и во иднина за кратење на лигата бидејќи оној прв дел беше со понизок квалитет, додека во плејофот веќе немаше лесен натпревар. Тоа е нешто како што треба да изгледа ракометното првенство, каде сега мора да се игра стопроцентно, бидејќи и за нас можеа да ни се случат непријатни изненадувања на некои незгодни гостувања. Првиот пораз од Вардар беше разочарувачки, ние секако бевме подготвени да се бориме до крај дури и ако требаше да бркаме минус седум. Сепак,  следеше тој пораз на Вардар од Алкалоид  со кој ни се отворија картите. Се покажа победнички карактер, имавме и среќа во клучните моменти сите играчи да бидат здрави, се се заврши среќно  Останува поразот во куп-финалето како горко исксутво, но титулата е послатка“, задоволен е директорот на новиот македонски првак.

Освоената титула носи и загарантирано место во Лигата на Шампионите, што од друга страна повлекува поинаков проблем. Салата во Битола во моментов не ги задоволува критериумите на ЕХФ за елитното европско натпреварување, но Митревски е оптимист дека град Битола со помош на управата на клубот ќе ги направи неопходните зафати во „Боро Чурлевски“ за да се добие зелено светло.

„Започната е комуникацијата и со ЕХФ и со градот Битола околу она што треба да биде средено за да можеме да ги играме своите домашни натпревари во нашиот град. Она што е добро е што не се инсистира дека мора салите да имаат по четири трибини, но и доколку останат две трибини, има доста работи што треба да се санираат. Повеќето е „шминка“, но има и круцијални работи како решавање на греењето и ладењето, да се реновираат комплетно соблекувалните, набавка на ЛЕД-семафор. Сето тоа е нешто што град Битола во соработка со нас може да го реши, за Битола да биде еден од тие 16 града кај што ќе се игра Лигата на Шампионите.  После фајналфорот во Келн ќе има и инспекција и тогаш конкретно ќе ни биде кажано кои се работите што ќе мора да бидат средени во текот на летото. Оптимист сум, подготвени сме да се бориме за тоа бидејќи ќе се загуби целата смисла ако стигнеме до тука, а немаме можност да играме ЛШ во Битола. Тоа сепак е наша сала, ова се наши фанови и убеден сум дека ќе се бара билет повеќе за секој натпревар“.

Сега ќе претстои и засилување на играчкиот кадар, откако по шампионската прослава веќе беше објавено заминувањето на седуммина ракометари на Еурофарм Пелистер.

„За нас беше важно да ги задржиме репрезентативците од нашите редови, со кои во изминатиот период потпишавме нови договори. Можеби малк доцниме со конкретни имиња кај новите засилувања, но можам да кажам дека преговорите се во тек и се наоѓаат во завршна фаза. Оваа титула и пласманот во ЛШ секако ни ја олеснуваат задачата бидејќи Лигата на Шампионите е предизвик за секој ракометар, сега сме интересна опција за квалитетни играчи и полесно ќе се договориме за посакуванит трансфери. Она што е приоритет е позицијата десен бек, каде двајцата ракометари што ги имавме летово си заминуваат од клубот, но ќе засилиме уште неколку позиции во тимот“.

Освоениот шампионски трофеј уште повеќе ги зголемува амбициите на битолчани за наредната натпреварувачка сезона.

„Она што сите го посакуваме е секако двојна круна во Македонија, тоа е првата цел што ја зацртавме пред нас по ова освојување на титулата. По овој трофеј што го освоивме сезонава, не дозволуваме да се врати во друг град. Сакаме и трофеј во купот, но и достојно да се претставиме во ЛШ, секако дека е тешко бидејќи ривалите се многу силни, со значително повисоки буџети. Свесни сме дека ќе биде тешко, но веруваме дека со напорна работа ќе успееме достојно да го претставиме македонскиот ракомет во елитното европско натпреврување. Клубот расте од година во година, сакаме повторно да се искачиме едно ниво погоре, на резултатски и организациски аспект и на крајот од новата сезона повторно да имаме причини за славје“, оптимист е за иднината на клубот Димитар Митревски, првиот оперативец на РК Еурофарм Пелистер.

Се вчитува...