ИНТЕРВЈУ Ердон Даци: Ќе треба уште да се докажувам за да добијам шанса од селекторот Милевски

Кога екс младинскиот македонски репрезентативец Ердон Даци од Коњаспор замина во Белгија, во тимот на Вестерло, малку кој му даваше на значење на овој трансфер. Можеби беше невобичаено што од турската Супер-лига, напаѓачот се одлучи да замине во втората лига на Белгија. И тој трансфер засега се покажува како исправен потег на Даци. Дава голови во Вестерло, стана главен напаѓач, прв стрелец е на екипата, а Вестерло е на чело на табелата, и граби кон пласман во „елитата“ на Белгија.

За „ЕКИПА“ Ердон Даци открива зошто се решил на таков чекор да замине во Белгија, со оглед дека долго време беше дел од Коњаспор.

„Доста ми беше да бидам резерва. Сакав да играм повеќе, немав голема минутажа во Турција, ми требаше некаде да одам каде што ќе бидам посреќен и мислам дека направив добар потег. И ми требаше нов предизвик. Засега ми е убаво тука во Вестерло. Добро играм, давам голови и екипата е на првото место на табелата“, рече Даци. 

Даци вели дека разликата од Турција до Белгија е огромна, и дека таму, на западот од Европа се дава повеќе шанса на младите, се игра добар фудбал, со многу трчање, кондициски многу се бара, но и тактички.

„Разликата е навистина голема. Во Европа тука во овој дел повеќе шанси се дава на младите, повеќе се игра со топка, во високо темпо, во Белгија има повеќе трчање и повеќе употреба на сила, кондициски исто така, како и тактички. Дел од овие работи ги има и во Турција, но не во таа мера како тука“, изјави Даци и додава: 

„Многу сум задоволен што сум тука, среќен сум што од старт почнав многу добро и многу сум среќен во моментов тука. Сакам само така да продолжам и да останам што подолго. Никогаш не се знае што носи фудбалскиот пат, но засега сум многу среќен тука“. 

Како и секој фудбалер, така и Даци откако заврши со настапите во младата селекција, сонува еден ден да заигра за сениорите, и се надева дека тој сон ќе му се исполни. Верува дека тоа ќе го исполни, но е свесен дека ќе мора уште да се докажува. Тоа што се познава со Милевски од младата селекција нема да му помогне многу, затоа што треба да продолжи да дава голови за да го добие тој толку очекуван повик.

„Секако дека би сакал да заиграм во националниот тим на Македонија. Многу ќе ми помогне ако продолжам со ова темпо во Белгија и мислам дека повикот ќе дојде. Со селекторот Милевски одлично се познаваме од настапот во младинската селекција. Игравме добри квалификации, но свесен сум дека треба да продолжам и натаму да се докажувам. Тоа што било во младата селекција е едно, сега во сениорите е друго. Очекувам и посакувам да добијам шанса. Се трудам да играм добро и да давам голови. Секако, за мене би била голема чест да играм за репрезентаицјата, но за да бидам таму треба добро да играм, да продолжам вака како досега и во следните натпревари“, вели Даци. 

Даци на стартот од белгискиот шампионат даде шест голови, и е втор стрелец во првенството. Првиот има осум, што е достижно за македонскиот голгетер. Даци потекнува од младинската школа на Вардар, играше против онаа генерација на Салцбург која стана европски првак, со Марко Розе на клупата, кој сега е во Борусија Дортмунд. Потоа замина во Коњаспор каде играше четири години и во младинскиот и во сениорскиот тим, a сега ја игра најдобрата сениорска сезона. Даци е уште еден избор за А селекцијата во иднина, играч на кој треба да се смета сериозно. На него е само да продолжи во ист стил, да тресе мрежи и да носи бодови.

Се вчитува...