ИНТЕРВЈУ – Кире Лазаров: Светско чудо е втора рунда со ваква работа во клубовите

Кире Лазаров две децении е главна полуга на македонската ракометна репрезентација, најзаслужен што „црвено-жолтите“ имаат континуитет во настапите на големите натпреварувања, од ЕП 2012 во Србија, па се до претстојниот Мундијал што утре официјално ќе стартува во Данска и во Германија. Никогаш не било тајна, за позначаен успех  на Македонија неопходно е Лазаров да одигра на највисоко можно ниво, но на леворакиот „бомбардер“ сега ќе му биде потребна и поголема помош од соиграчите, со оглед на генерациската смена во националниот тим.

Како човек кој со години се залага за подмладување во репрезентацијата, Кире Лазаров сега имаше можност петнаесетина дена да мине со играчите кои се претставени за „предводници на новата генерација македонски ракометари“.

„Видов многу работи, дека постои огромен талент, што е многу важно за да може било кој од нив да стане врвен играч. За жал, видов и работи што не ми се допаѓаат и што ме загрижуваат. Ги детектиравме тие слабости, не само јас, туку и целокупниот стручен штаб, дека многу слабо се работи во клубовите. Кога велам слабо се работи, тоа не значи дека слабо се тренира, бидејќи се тренира напорно. Слабо се учи ракомет, слабо се тренира ракометот. Сто пати имам кажано, ракометот е интелигентна игра во која треба да играш шах, да го надмудриш противникот. Увидовме дека Македонија има огромни таленти, но тие „дијаманти“ не се избрусени“ – предупредува капитенот на македонската репрезентација.

А потоа, следи и конкретен пример за кажаното…

„Тие не се доучени од ракометен аспект, така тлеат во едно место, задоволувајќи се во таа средина, добивајќи малку шанса и не напредуваат така како што треба. Се случува пример кај Чурлевски, кој веќе има 27 години и е зрел ракометар, да му се покажува по првпат како треба да нападне, а како да се брани. Истото се случува и со играчите на Металург и за жал морам да констатирам дека не е случајно што во текот на првата полусезона загубија толку многу натпревари, како во СЕХА, така и во Лигата на шампионите“.

Странците во македонскиот спорт е болна тема и во ракометот, особено во клубовите што се дел од меѓународните натпреварувања.

„Тоа ме загрижува…Загрижува фактот дека клубовите Работник и Металург, како водечки крај Вардар, не успевајќи да ги научат вистински ракомет потоа многу брзо се откажуваат од нашите таленти и купуваат странци на нивно место. Го видовме тоа со Металург, донесе тројца играчи среде сезона, ги зазедоа позициите на нашите млади ракометари и не победија речиси ниту еден натпревар. Сега имам слични информации и за Работник, дека ќе носи странци за средбите од Купот на ЕХФ. Ако на тоа додадеме дека сите се израдувавме на титулата на Вардар, освоена со само еден единствен македонски играч, тоа е успех што остава горчина. Сите ние навивавме за Вардар, се уште навиваме за македонскиот првак, но ќе биде убаво и Вардар да остане на тоа ниво и да произведува македонски играчи. Тоа би бил голем успех за нашиот спорт“.

Според Лазаров, актуелната состојба е сериозна опасност за крајно негативни последици врз репрезентацијата.

Вака како што е сега, што добиваме ние како Македонија, како репрезентација. А очекувањата ни се големи, дека со тие три играчи на Работник и пет на Металург, кај кои не е создаден победнички менталитет, треба да оствариме врвен резултат на едно Светско првенство. Да не се залажуваме, тоа е многу тешко, ние патуваме за Германија со позитивни вибрации и желба за добар пласман, но ако поминеме во вториот круг со ваков состав – тоа ќе биде еднакво на светско чудо. Го потенцирам тоа и го објаснувам со аргументи, зошто е моето мислење такво какво што е. Не е се негативно, многу ме радува што кај нив покрај талентот постои и желба за напредок, па за краток период со внесување на одредени ракометни финеси тие направија чекор напред“.

Во ситуација кога во клубовите не се работи на највисоко ниво, трансфер во странство се чини како најдобра опција, но и тука постои сериозен проблем.

„Ако зборуваме хипотетички, мислам дека е подобро да се замине во странство, но за такво нешто да се случи треба некој да те сака да те купи. Не е нималку лесно да се замине во сериозна лига, ние сме сепак Македонци и за да влезеш меѓу желбите на големите клубови треба да демонстрираш квалитет и карактер. Тоа е патот, мора да играш врвно во својот клуб, да покажеш квалитет, за да се надеваш на добар трансфер, бидејќи многу ретко се случува некој посериозен тим да ризикува и да купи „мачка во вреќа“ – реален е капитенот.

Противниците не се нималку наивни, но Лазаров смета дека поголем проблем е промената на системот на натпреварување и фактот дека за краток период би требало да се одиграат дури осум натпревари.

„Две работи не ни одат во прилог, групата што не е нималку лесна, но и промената во системот на натпреварување. Под промена не мислам само на тоа што одат три наместо четири селекции од секоја група, туку и фактот дека потоа не играме само еден меч „да се биде или не“ во осминафиналето, туку одиме во нова група со три исклучително тешки ривали. Ако успееме да поминеме, пет во првата фаза, и потоа уште три во следната рунда, тоа се осум натпревари во рок од некои 11-12 дена… со овој ростер што го имаме да одиграш толку средби на највисоко ниво, во меѓувреме во овој период да смениш и град и сала и хотел… можам само да посакам дека за разлика од претходните големи натпреварувања овојпат сите ќе не служи здравјето, да избегнеме несакани повреди. Не сакам да сум негативен, секако ќе се обидеме да победиме на секој од овие натпревари, но ова се суштински работи кои треба да се земат во предвид и затоа неслучајно ви ги набројав оние осум играчи“.

Атмосферата по победите над Србија е одлична, но Лазаров предупредува дека првиот ривал Јапонија е „нагазна мина“ на овој шампионат.

„Јас сум многу внимателен на почетокот на овој Мундијал, за мене најважно ќе биде да стартуваме како што треба и клучен ќе биде дуелот со Јапонија. Стекнавме самодоверба по оние две победи над Србија, кои се значајни на психолошки план иако се само пријателски средби, и ќе мораме да продолжиме во ист стил и против Јапонија. За мене нашиот прв ривал во групата е нагазна мина, тоа е селекција со сериозен селектор што вложува многу и се подготвува за ОИ во Токио, што има добри релации со ИХФ. Полош противник од последниот шешир не можеше да ни падне на почетокот од едно Светско првенство, немавме ни среќа барем во тој шести шешир да извлечеме некој од полесните ривали за да впишеме да речеме сигурна победа. Бахреин исто така не е наивна селекција, стана вицешампион на Купот на Азија, во финалето достојно спротивставувајќи му се на моќниот Катар. Затоа велам, да одиме чекор по чекор, дури да стигнеме до дуелите со европските репрезентации, дотогаш ќе имаме полни раце работа“.

Во третото коло на ред ќе дојде Хрватска, предводена од за нас многу добро познато лице, екс-селекторот Лино Червар.

„Лино Червар секогаш ќе остане впишан во историјата на македонскиот ракомет бидејќи направи многу за нашиот спорт. Без разлика, некој го сака, некој го оспорува, но Лино работеше 24/7 цели десет години во тој Металург, направи систем, создаде база, добро селектираше цела една генерација на македонски ракометари. Тој знае како дишеме, ние го знаеме него, ќе видиме како тоа ќе изгледа на терен. Далеку е тој меч за сега детално да анализираме, колку што се сеќавам ние немаме победа против Хрватска на големите натпреварувања. Ако гледаме индивидуално, нивните ракометари настапуваат многу подобро во репрезентативниот дрес отколку на клупско ниво, тоа им ја красеше и генерацијата со Балиќ, Вори, Метличиќ, тоа е така бидејќи ги краси некој спортски патриотизам што ги прави исклучително опасни“.

Клучно е да се поправат грешките од последните две средби против Турција и Грција, но капитенот посочува дека нема потреба од преголеми негативности бидејќи оваа репрезентација во 2018 одигра многу повеќе добри отколку слаби натпревари.

„Не треба да се навраќаме на оние средби со Турција и со Грција, во кои промашивме многу работи, и поединечно и колективно, свесни сме за тоа. Да се навратиме назад, против една квалитетна Романија одигравме два одлични меча и заслужено стигнавме до ова СП. Претходно, во Загреб имавме речиси перфектна фаза, бевме први во групата, еден шут не делеше од пренесување максимални четири бода со кои ќе ни беше доволна една победа за полуфинале. За жал, се свртеа работите обратно, но како требало да биде така се случило – велат старите. Мислам дека ако се биде малку повеќе аналитичен треба да се потенцира дека македонскиот ракомет е на добар пат, дека има иднина, само доколку продолжи во истиот ритам. Грешките се детектирани, треба да се работи на нивно отстранување, се за доброто на младите македонски ракометари“.

Тој е дециден – дури и доколку не се мине првата рунда јавноста тоа никако не смее да го прифати како спортска трагедија бидејќи ракометната иднина воопшто не е црна.

„Дури и доколку не бидеме меѓу оние 12 селекции во втората рунда, на тоа никако не треба да се гледа како на трагедија. Видете, ние имаме неверојатен континуитет, од 2012 година сме дел од секое големо натпреварување, нешто со што не можат да се пофалат и многу поголеми репрезентации од нашата. Секому може да му се случи „кикс“, во квалификациите или пак во текот на едно европско или светско првенство, не посакуваме тоа да се случи, но не треба на тоа да се гледа како на некаква трагедија. Се појавуваат нови момци, на чело со Раул, со овој шпански систем, мислам дека ракометот ни оди напред“ – оптимист е големиот ас за иднината на мак-ракометот.

Се вчитува...