Интервју – Марјан Илиевски: Горд сум на проектот Пелистер, време е кошарката да почне да оди напред…

Признанието за најдобар кошаркарски тренер за 2023 година во изборот на КФСМ заврши во рацете на Марјан Илиевски. Стратегот што низ годините со успех водеше неколку македонски прволигаши сега веќе неколку сезони е на чело на проектот КК Пелистер, со кој повторно стигна до финалето во плејофот. Илиевски е тренер кој зад себе има две титули во БИБЛ-лигата, една со Блокотехна и една со Сигал Приштина, титула по која тој беше избран и за тренер на годината во Косово.

Искусниот стручњак го преживеа најтурбулентниот период од овој проект, успевајќи да го задржи клубот на здрави нозе и покрај сериозни долгови во последната сезона, надминувајќи ги проблемите за на крајот повторно да се бори за шампионската титула. Без оглед на поразот во финалната серија, сезоната дефинитивно е успешна за Илиевски, кој го доби признанието во изборот на куќата на кошарката.

„Горд сум на ова признание, убаво е да се знае дека се цени сето она што како тренер го направив во КК Пелистер, не само оваа, туку и во претходните сезони. Освоените трофеи несекогаш се мерило за квалитетот на тренерската работа и мило ми е што тоа го препознаа сите оние кои гласаа во овој избор, за големото признание да заврши токму во моите раце“, го почнува Илиевски разговорот за ЕКИПА.

Тој се осврна и на проблемите со кои се соочи во текот на ланската сезона.

„Тоа беше лавовска битка да се задржи тимот што го имавме, да се одржи позитивна атмосфера во ситуација кога играчите и членовите на стручниот штаб со месеци беа без примањата што им беа загарантирани со договорите, а згора на тоа бевме сведоци на секојдневни спинови од екс-управата, од само ним познати причини. Среќен сум што преовлада човечноста, сите заедно се договоривме да останеме, да покажеме карактер и квалитет како екипа. Тоа ни го донесе и пласманот во големото финале, што секако беше одличен резултат во сезона во која противникот имаше составено екипа со квалитет и буџет за АБА1. Горд сум на таа сезона, една од најтешките за мене во тренерската кариера, затоа и оваа награда има посебно значење за мене“, истакнува Илиевски.

Во меѓувреме, проблемите во КК Пелистер беа надминати, во текот на летото зад клубот застана стабилен спонзор во компанијата „Таск Форс“, уште еден процес и преговори во кои учествуваше Илиевски.

„По сите оние искуства од ланската сезона на сите ни беше јасно дека така веќе не може да се продолжи да функционира. Јас лично бев вклучен во потрага по нов сериозен инвеститор и можам да кажам дека сум горд што сега крај себе ја имаме „Таск Форс“, моќна и сериозна компанија што го препозна нашиот потенцијал, не само што помогна да застанеме на здрави нозе, туку и сезонава да важиме за најстабилен клуб во мак-баскетот. Новиот спонзор покажа големина, па иако не беше нивна обврска, најдоа решенија за старите долгови, вклучувајќи се целосно во процесот на што побрза консолидација. Тврдам дека без нивна помош, ќе се случеше црно сценарио за прволигашката кошарка во градот. Вака, продолжуваме напред и не планираме да застанеме, можам да кажам дека и од АБА лигата го препознаваат она што се случува, па постои расположение ако биде задржан истиот формат во АБА2, следната сезона еден од турнирите да се одржи токму во Битола“.

Здравствените проблеми придонесоа Марјан Илиевски да се повлече од тренерската функција по неколку одиграни кола сезонава, но тој останува активно вклучен во секојдневното функционирање на клубот.

„Од првиот момент кога се формираше новата управа со директорот Ивановски, јасно ставивме до знаење дека цел не ни е од прв момент да атакуваме на титули како приоритет, туку да поставиме клуб на здрави основи, по што резултатите ќе дојдат. Половина сезона подоцна, сите имаме причина да бидеме горди, клубот функционира беспрекорно, финансиски не се должи на никого, станавме пример за работа според професионални принципи. Можеби резултатите во досегашниот дел од сезоната не се според очекувањата, но има доволно време за тоа да се промени. Она што го имавме зацртано како прв чекор за градење на модерен клуб е целосно остварено, не се сомневаме дека резултатите ќе се подобрат во вториот дел од сезоната“, оптимистички е расположен Марјан Илиевски.

Плановите е Пелистер да биде уште посилен на играчки план како што ќе минува времето, но и клубот да се развива во секој поглед, давајќи свој сериозен придонес и за развојот на спортот во градот Битола.

„Битола е спортски град и ние сме среќни што сме препознаени како проект, што имаме поддршка од верните навивачи и благодарни сме им на „Чкембари“ што застанаа зад нас во моментите кога ни беше најтешко. Секогаш има простор за напредок, ние одиме чекор по чекор, во наредниот период ќе отвориме и официјални клупски простории, сакаме да ја добиеме организацијата на Купот на Македонија за оваа година, а во план ни е да почнеме и разговори за отворање на кошаркарска паралелка во Битола, како дел од Спортската Академија што е раководена на државно ниво. Со ова сакаме да докажеме дека не работиме само на инстант успех, туку се поставуваат темели за нешто што со години ќе дава резултат во иднина. Тоа не значи дека бидејќи работиме долгорочно не посакуваме трофеј што поскоро, секако КК Пелистер бил препознатлив по борбеноста на секој натпревар, а за остварување на високите зацртани цели огромен предуслов е и поддршката на Чкембари и публиката која ја очекуваме во уште поголема бројка на нашите домашни средби во втората половина од сезоната“.

Добро е да се биде избран за најдобар тренер во кошарката во 2023 година, но Илиевски е свесен дека за жал овој спорт не се движи во посакуваниот правец.

„Она што е загрижувачки факт во македонската кошарка е што секаде се оди напред, а ние го бараме да се врати времето од минатото, живееме во некои минати времиња, пред се организациски гледано од страна на раководствата на клубовите. Некој треба и мора да постави пример за работите да почнат да се движат во нагорна линија, да престанеме веќе да зборуваме за соблекувални и за температура во салите, дали терените се соодветно обележани и дали работи семафорот. Дајте сите да работиме заедно во една насока – кошаркарскиот натпревар да биде хепенинг во кој ќе победи подобриот. Верувам дека и водечките луѓе во федерацијата очекуаат да имаат поддршка од клубовите за една ваква насока, за да можат полесно да реагираат кон процесот на решавање на тие проблеми“, вели Илиевски.

Еден од проблемите е и лигата со 12 клубови, во која квантитетот добива предност во однос на квалитетот.

„Дефинитивно треба да се размисли и за бројот на прволигаши кои ги имаме во моментов и квалитетот што го нуди оваа лига. Реалноста е таа, мал е бројот на домашни играчи кои можат да одговорат на Прва лига со дванаесет клуба. Јас сум горд на сите свои претходни клубови со кои игравме значајна улога на домашната сцена. Со сите тимови успевав да бележам резултати, во времиња кога имаше и поголема бројка на странски тренери, но и поголема бројка на странски играчи во мак-баскетот. Во сите тие времиња, бројот на странците воопшто не направи домашните играчи да бидат девалвирани, напротив, во речиси сите екипи во тој период носители беа токму македонските кошаркари“.

Најдобра слика за моментната состојба на кошарката дава репрезентацијата, а според Илиевски сите треба да дадат свој придонес за работата да тргне во подобра насока.

„Тренерскиот занает е исклучително тежок во Македонија. Постојано сме осудени со критики, редовно сме дежурни виновници за слаби резултати, иако многу често вината треба да се бара на сосема друга адреса. Во многу случаи главниот тренер се занимава и со физичката кондиција на играчите, со скаутирање на противници и со што уште не, нешто што во европски рамки е бесмислено бидејќи стручниот штаб мора да е составен од неколку стратези кои се специјализирани за одредена област. Се бара од нас развивање на млади играчи, а од друга страна се инсистира на победи и на што подобар пласман. Клупските политики треба да издржи создавање на млади играчи, а не тренерите, затоа што гарантирам дека секој тренер сака да работи со млади кошаркари и да им даде шанса, доколку не постои опасност од отказ поради резултатски притисок. Ако сакаме квалитетна репрезентација, ќе треба да се сменат размислувањата во клубовите, да се овозможи развојот на тие млади и перспективни играчи, кои реално можат да одат напред само ако редовно играат“.

За крај, тренерот на 2023 година ја обелодени и својата желба за новата 2024…

„Од аспект на мојот клуб, искрено посакувам и ќе се трудам тоа да го оствариме – Пелистер да чекори напред на секој план, организациски и резултатски. Сепак, сметам дека уште поважно е целокупната кошарка во оваа 2024 конечно да почне да оди напред. Затоа што ако конечно тоа се случи, ќе биде добро за сите нас кои сме дел од овој прекрасен спорт“, порачува за крај Марјан Илиевски.

Се вчитува...