ИНТЕРВЈУ – Марјан Кировски пред последниот меч во судиската кариера: Најтешко ми беше кога на брат ми му поништив гол.., една недела не ми зборуваше!

Зарем во далечната 1993 година, денес еден од најдобрите македонски помошни, сега со ново име, асистент судии, интернационалецот Марјан Кировски, кога за првпат го стави свирчето во устата на мечот во скопското село Ергеле меѓу домашниот Младост и Бунарџик во Градската лига на Скопје, можеше и да помисли дека еден ден ќе суди во Торино, Лондон, Валенсија, Истанбул, Виена, Барселона, на фудбалските гиганти Јувентус, Челзи, Валенсија, Рубин Казан, Зенит, Севилја,  Баерн, Борусија, Барселона.. Дека ќе им суди и на светските шампиони Германија и Франција.

Од тој ден минаа 27 години на една успешна судиска кариера за да на утрешниот  дерби меч во последното есенско коло од Првата лига на Македонија меѓу Шкендија и Вардар за последен пат ‘мафта’ со своето знаменце бидејќи според судиските правила, со наполнети 45 години повеќе не може да биде активен судија на официјалните натпревари.

Тоа ќе биде негов 1023 натпревар на зелениот терен, кој сигурно долго ќе го памети како последен, како и оној првиот во Ергеле. За овие 27 години Марјан Кировски ги има запишано сите натпревари на кои тој бил главен судија, а потоа како асистент судија. Во Градската лига на Скопје и младинските 104 натпревари, во Првата и Втората лига на Македонија на 813, на меѓународната сцена 106. Не се малку, може да напише цел еден роман за сите случки на зелениот терен, за познанствата со најпознатите светски фудбалери и тренери.

Семеството на Кировски е вистинско фудбалско, едно од најпознатите во нашата држава. Таткото Васил беше сојузен фудбалски судија кој има судено прволигашки и второлигашки мечеви во поранешна Југославија, помалиот брат Христијан, е активен фудбалер, кој моментно игра за првологашот Струга Трим. Порано го носел дресот на Вардар, Работнички, Македонија, Шкендија и Скопје, долго време  играл во странство, во Бугарија, Израел, Грција, Кипар, Полска, Украина,Романија…

„Фудбалот е главната тема во нашето семејство. Татко ми и брат ми, па и мајка ми се моите најголеми советници и критичари, особено татко ми. Тие за овие изминати 27 години ми даваа најголема поддршка, особено на почетокот на кариерата кога ми беше навистина тешко. Полни 14 години судев и на меѓународната сцена, на почетокот па се до 2006 година му помагав на поранешниот наш најдобар судија Емил Божиновски, а потоа па се досега на нашиот најдобар судија Александар  Ставрев од кои можев многу да научам“ – вели Марјан Кировски во разговорот за ЕКИПА, и дополнува:

„Некој ќе рече полесно е да бидеш помошен судија отколку главен. Јас не се согласувам, можеби сум необјективен, затоа што речиси во целата моја судиска кариера мавтам со знаменцето. Од помошен судија се бара голема концентрација, „око соколово“ што се вели, за да во дел од секундата процени дали е офсајд или не е, дали е пенал или не бидејќи често е поблиску до шеснаесетникот отколку главниот судија и има подобар преглед за да му сигнализира прекршок. Впрочем, не залудно во шега се вели, најмногу голови се посигнуваат преку крила. Од успешната арбитража на секој меч зависи и соработката меѓу главниот и помошните судии“.

Долг е списокот  на Марјан Кировски на отсудените натпревари особено во последните 14  години како меѓународен судија. Ретко кој помошен судија во Македонија може да се пофали со таков биланс. Меѓу најпознатите се сигурно: Барселона – Викторија Плзен, Челси – Спарта Прага, Севилја – Борусија Менхенгладбах, Фиорентина – Слован, Јувентус – Нордсјеланд, Бате Борисов – Баерн Минхен, Рапид Виена – Порто, Лил – Валенсија, Рубин Казан – Леванте…

Во Македонија судел на сите дерби средби, и на четири финални натпревари во Купот…. Во сите тие натпревари тешко е да се издвои кој беше најтежок за судење, кој му оставил најголем впечаток. Марјан Кировски не изненади со одговорот откако му го поставивме ова прашање.

Не ме прашувајте, најтежок  сигурно Работнички-Македонија (2-2) на Градскиот стадион. Во последните минути му го поништив победосниот гол на брат ми Христијан поради офсајд. Леле мајко, што да ви кажам што се случуваше дома кога се вратив. Со оглед дека имаше телевизиски пренос од тој натпревар, уште од вратата мајка ми ме пречека со зборовите: ‘Што му направи синко на брат ти’. Татко ми не се лутеше многу, знаеше дека сум во право, брат ми цела недела не ми зборуваше. Не помогна ни тоа што на ТВ снимката прикажана по средбата, се покажа дека навистина беше офсајд. Барем мене ми се олесни во душата. Инаку, многу е полесно да судиш на меѓународните напревари, нема притисок, атмосферата е порелаксирана. На нашите терени е многу потешко, сите од тебе очекуваат да им помогнеш, од играчите, управата, гледачите, се лутат по поразите, судите се секогаш виновни за нив кога ќе загубат“ – вели Кировски.

Инаку на почетокот на меѓународната сцена „цимер“ на Кировски покрај аут линијата му беше Љубомир Крстевски, а потоа се до денес – Дејан Костадинов .

Сигурно со овој последен меч како судија не завршува неговата судиска кариера. Ќе продолжи како контролор на прволигашките натпревари во Македонија, веројатно ќе се најде и некое место за него во раководните тела на судиската организација на ФФМ. Човек со толку богато судиско искуство мора да се искористи.

М.Мицковиќ

Се вчитува...