ИНТЕРВЈУ – Ненад Димитријевиќ: НБА ми е сон, не би играл кошарка ако немам високи цели

Ненад Димитријевиќ со години наназад беше опишуван како голем талент, но плејмејкерот на Хувентуд сезонава блесна и покажа што знае и умее на терените ширум Шпанија и Европа, во рамките од Еврокупот. Тој заслужено беше избран за најдобар македонски кошаркар во 2019 година, но повеќе од јасно е дека најдоброто од Димитријевиќ допрво следи во годините што доаѓаат. А тој е максимално поддготвен за тоа, заедно со предизвикот да биде еден од лидерите на македонската репрезентација во наредниот период.

A почетокот на неговата кошаркарска приказна е сличен како и на останатите големи таленти на мак-баскетот, уште од мали нозе заминати во странство за да го усовршуваат својот кошаркарски талент надвор од границите на нашата земја.

„За Шпанија заминав кога имав само 14 години. Како мало дете нормално е да се има проблем со адаптацијата, првиот месец со мене беше и мајка ми, која ми помогна во тој почетен период. Нормално е дека имав крили и тешки моменти, но издржав и тие моменти уште повеќе го засилија мојот карактер“ – го почнува разговорот Димитријевиќ.

Шпанскиот стил на игра што се практикува беше една од причините поради кои од неколкуте понуди Димитријевиќ и неговото семејство во тоа време ја избраа токму онаа на Хувентуд, тим познат по добрата работа во младинските категории.

„Она што најмногу импресионира е постојаното усовршување. Не се гледа колку е некој добар во моментов, туку како може да стане уште подобар. Во Шпанија најголемо внимание се посветува на играта „еден на еден“, се инсистира на брзи напади, агресивна одбрана… нема зона ниту „пик ен рол“. Сето тоа овозможува младите играчи квалитетно да се развиваат“.

Македонецот набрзина се наметна како еден од лидерите во младинските категории, а од бројните врвни средби издвојува една што засекогаш ќе ја памети.

Сум имал бројни натпревари со над 30 постигнати поени. Сепак, како омилена би ја издвоил онаа за третото место во јуниорското првенство против Гран Канарија Тоа беше мој последен меч за младинските категории, имав 25 поени, неколку атрактивни асистенции, и што е најважно – успеавме да победиме“, се присетува македонскиот плејмејкер.

Подобро деби во АЦБ-лигата не можеше да посака, настап на големото локално дерби против Барселона.

„Тоа беше 18 декември 2016 година, игравме во „Блауграна“ против Барселона. Имав 18 години, а против себе го имав одличниот Тајриз Рајс, искуство што не се заборава“.

Димитријевиќ за соиграч во Хувентуд го има грчкиот ветеран Никос Зизис, за кого Македонецот има само најпофални зборови.

„Зизис е легенда на европската кошарка, има освоено се што може да се освои. Тој е еден од омилените, ако не е најомилениот соиграч што сум го имал во кариерата. Никос е фантастичен човек и надвор од теренот, најдобриот совет што ми го повторува секојдневно е дека морам да давам се од себе бидејќи само од мене зависи во кој клуб и на кое ниво ќе играм во иднина“.

А лесно може да се случи Димитријевиќ наскоро да ги промени клупските бои, бидејќи се ближи истекот на актуелниот договор со Хувентуд.

„Сега сум фокусиран само на настапите за Хувентуд, имам уште една година од договорот, па ќе видиме каде ќе ме однесе кошарката потоа. Мислам дека секое дете што почнува да тренира кошарка сонува еден ден да заигра во НБА. Тоа секогаш ќе биде и мој сон, не гледам зошто би се занимавал со овој спорт доколку не си поставувам високи цели пред себе“.

Ненад Димитријевиќ беше во конфликт со претходното раководство на федерацијата, но не сака многу да се навраќа на минатото. Напротив, негов фокус е иднината и настапите за македонската репрезентација.

„Тоа што се случи со претходните челниците на МКФ е во минатото. Не можам ништо да променам, но повторно би ја донел истата одлука – да тренирам секое лето, четири години по ред со најдобриот тренер за физичка подготвеност, Петар Баснарков. Тоа ме направи многу подобар играач, тоа беше потребниот чекор за мојата кариера. А за суспензијата со која се фалеа од федерацијата, како што сите можеа да видат јас минатата сезона не пропуштив ниту една средба на Хувентуд. Многу сум возбуден за соработката со новото раководство на федерацијата и со селекторот Тодоров. А за предизвикот да бидам еден од клучните играчи во репрезентацијата – најспремен сум за такво нешто“.

Задачата во претстојните квалификации нема да биде нималку лесна, а младиот плејмејкер смета дека клучно ќе биде да се одигра добро на трите домашни натпревари.

„Сите знаеме дека во денешната кошарка не постои сигурна победа. Не можам да ветам дека сигурно ќе победиме, но дефинитивно ќе одиме на триумф на секој меч. Според мене натпреварите во Скопје ќе ја направат разликата, ако го одбраниме домашниот терен ќе имаме одлична шанса да се пласираме на Евробаскет“.

Димитријевиќ не ја крие гордоста што ја доби наградата за најдобар македонски кошаркар во 2019 година.

„Чест ми е да бидам избран од мојата држава за најдобар играч во 2019 година, особено што бев номиниран крај Војдан и Дамјан Стојановски, двајца фантастични кошаркари. Годината што измина беше една од подобрите, играв на завршниот турнир од Копа Дел Реј и во плејофот од АЦБ-лигата. За новата година имам само една желба – да ме служи здравјето за да можам да играм кошарка на високо ниво“.

Се вчитува...