Интервју со Александар Чеферин: Македонија и ФФМ уживаат голем углед во фудбалска Европа

Тој е „наш“ и не гледа и нас Македонците како свои, заедно бевме дел од една поранешна држава. Словенецот Александар Чеферин е прв човек на европскиот фудбал, но многу работи го поврзуваат и со Македонија. Чеферин дојде денеска во Скопје како почесен гостин при пуштањето во употреба на новиот капитален објект на Фудбалската федерација на Македонија – новиот сместувачки капацитет за Академијата на ФФМ и младите национални селекции.

Во интервјуто за „ЕКИПА“, претседателот на УЕФА открива како Илчо Ѓорѓиоски, претседателот на ФФМ, имал голема улога во неговото устоличување за прв човек во Европската куќа на фудбалот.

Потенцира и дека угледот што македонскиот фудбал го има на Стариот континент, претставен преку Фудбалската федерација на Македонија, е многу поголем од моќта што реално можат да ја имаат условно помалите земји.

Оттаму, и логично е интервјуто да стартува со прашањето, на чие кормило е потешко, како претседател на Фудбалската федерација на Словенија (од каде се кандидираше за претседател на УЕФА), или пак како прв човек на европскиот фудбал?

„Убаво прашање, кое може да се гледа од две перспективи. Како претседател на УЕФА, имате поголема одговорност, носите одлуки за сите држави, и треба да се грижите за развојот на комплетниот европски фудбал, да и угодите на ’големите’, но и да ги ’помагате’ помалите…Но, секако, имате и доволно финансии за сето тоа да го остварите. Во тој поглед, можеби и полесно е да се биде претседател на УЕФА. Од друга страна, Фудбалската федерација на Словенија има речиси идентични задачи, но и проблеми и како ФФМ, и вашиот претседател Илчо Ѓорѓиоски. Со одреден буџет, кој е многу, многу помал од, да речеме, една Германија, треба да го развива фудбалот во државата. Да се подобрува инфраструктурата, да се посвети внимание и на сите други аспекти, како женски фудбал, футсал, младински селекции, а исто така и да се остварат очекувани резултати со сениорската национална репрезентација“, вели Чеферин.

Словенецот е сега на чело на УЕФА, а открива дека предлогот за тоа прв го истакнал токму Илчо Ѓорѓиоски.

„Ќе ви откријам една тајна, Илчо Ѓорѓиоски, е првиот кој во мене го виде следниот претседател на УЕФА, речиси една година пред изборот. Го истакна тоа на еден од состаноците на земјите членки, дека токму јас, Александар Чеферин, би можел да бидам претставник на регионот како прв човек на европскиот фудбал. Тоа беше огромна поддршка, а во тој момент за мене беше сосема нереално. Јас во тој период имав поддршка и од Италија и од скандинавските земји, а после кандидатурата ги придобив и другите европски членки. Затоа, јас секогаш ќе бидам тука за Македонија, и многу ми е драго што напредувате многу под раководство на претседателот Илчо Ѓорѓиоски. И сега велам, Македонија може да направи многу и во Лигата на нации, јасно е дека сте една од најдобрите селекции во групата Д, а ова ново натпреварување на УЕФА им дава шанса и на малите земји да се изборат за учество на Европското првенство. Кога е ФФМ во прашање, верувајте ми на зборот, нивниот углед во европскиот фудбал е далеку поголем од величината, финансиска и географска, што реално ја имаат овие условно помали држави и федерации, меѓу нив се секако и Македонија и мојата Словенија“, открива првиот човек на УЕФА.

Претходно, Александар Чеферин беше во Скопје и во август, за време на Суперкупот на УЕФА, кога на арената „Филип Втори“ за оваа престижна европска титула играа Реал Мадрид и Манчестер јунајтед. Победија „кралевите“, а сите очи од Европа и од светот беа вперени во Македонија.

„Суперкупот на УЕФА беше одлично организиран, тоа го потенциравме и веднаш по неговото одржување. Тоа беше голема промоција за Македонија како држава, но и една голема обврска која ФФМ и државата ја одработија беспрекорно. Морам да кажам, во изминатите години вие многу напредувавте во поглед на инфраструктурата. Се разбира, не може никој да се „мери“ со Германија, со оглед дека федерацијата на оваа земја располага со буџет од 400 милиони евра“, истакнува Чеферин.

Од неговото доаѓање на чело на УЕФА, видлив е очигледниот напредок на сите полиња. Што е она кое Александар Чеферин го смета за најголема придобивка, односно завршена работа, откако е на чело на европскиот фудбал?

„Најголемата придобивка е што ставивме крај на скандалите и сега УЕФА има многу подобар имиџ. Исто така, се залагаме за борба против „наместените натпревари“ во фудбалот, имаме и посебно одделение за тоа. Но, бараме помош и од самите држави. Ние ги дознаваме „сомнителните мечеви“, но не сме репресивна организација, немаме моќ да казнуваме, немаме моќ ниту да затвораме, ниту да прислушкуваме разговори за да обезбедиме вистински докази. Едно знам, „наместените натпревари“ се рак на фудбалот и мораме да се бориме со сите сили против оваа појава“, вели претседателот на УЕФА.

Европската куќа на фудбалот сака да обезбеди и баланс во европскиот клупски фудбал. Затоа е воведен финансискиот фер-плеј. И ќе се залага до крај за негово почитување.

„Имаме постапки против одредени клубови и не би можел за нив конкретно да зборувам, кога е во прашање финансискиот фер-плеј на УЕФА. Но, морам да кажам дека работиме напорно, за да се почитуваат правилата, и да создадеме баланс меѓу условно ’големите’ и ’малите’ клубови во Европа. Има и уште мерки, на пример, бројот на регистрирани фудбалери по клубовите, потоа позајмените играчи по други клубови. Ако купуваат голем број фудбалери, тогаш ги ослабуваат останатите. На пример, Марибор ќе купи се што постои во Словенија, ги ослабува другите, и откако ќе се пласира во Лига на шампиони, добива финансиска награда од 15 милиони евра, па потоа повторно ги купува сите најдобри. Но, така нема квалитетна лига. Истото е во целиот регион. Ако во Македонија не се развива фудбалот, тогаш губат сите, и најдобрите клубови од оваа земја. Регионалната лига е можеби решение, но ајде кажете ми го херојот што ќе организира фудбалски меч меѓу, да речеме, Црвена Звезда и Динамо Загреб. Да, може да се игра натпревар меѓу Олимпија и Вардер без проблем, но, сепак, се уште постојат големи ризици за одредени мечеви. Во секој случај, ќе работиме и понатаму на подобрување на фудбалот во Европа од сите аспекти“, заврши најповиканиот човек за европскиот фудбал, Александар Чеферин.

Се вчитува...