ИНТЕРВЈУ Жељко Бабиќ: Еурофарм Пелистер никогаш не бил поблиску до Вардар од она што е денеска

Еурофарм Пелистер влезе во триумфална серија, битолскиот суперлигаш ги „меле“ ривалите на македонската сцена, а успеа да врзе и неколку одлични натпревари во Лигата на Европа. Меѓу најзаслужните сигурно е Жељко Бабиќ, 49-годишниот хрватски стручњак кој успеа да состави силен колектив желен да напредува од натпревар во натпревар, што се одразува и врз игрите и врз резултатите на битолските „фармацевти“.

Бабиќ во интервју за ЕКИПА говори за своето доаѓањето во Битола, првите впечатоци од Еурофарм Пелистер, но и за очекувањата од оваа натпреварувачка сезона.

Колку време траеја преговорите, како се случи да дојдете во Еурофарм Пелистер?

„Јас зедов пауза од две години од ракометот, не се занимавав со ракомет бидејќи татко ми беше болен и одлучив да се посветам на семејството. Минаа околу две години кога стигна понудата од Еурофарм Пелистер, јас многу брзо одлучив дека сакам да бидам тренер во овој проект, од една причина бидејќи следејќи го Еурофарм увидов дека тоа се сериозни луѓе со здрав проект, клуб кој има простор да биде подобар од секој аспект и дека јас со својот ангажман можам да помогнам еден ден сите да бидеме посреќни“.

Кој беше вашиот прв впечаток за клубот и што беше првото нешто што го побаравте како шеф на стручниот штаб?

„За секој тренер, па така и за мене многу е важно да има своја просторија. Кога дојдов овде видов дека клуб има да направи неколку работи за веднаш да се крене на едно повисоко ниво. Разговаравме со луѓето од управата, им објаснив како треба да се функционира и првата работа што ја добив е оваа канцеларија каде што го правиме и интервјуто, каде покрај мене е и канцеларијата на спортскиот директор. Овде правиме и видео-анализа од натпреварите, јас сум овде секогаш присутен и подготвен за разговор, со ракометарите, новинарите, можат да дојдат и навивачите. Мојата врата секогаш е отворена, мислам дека тоа беше почетокот на еден развој на Еурофарм Пелистер, имаме модерни добро опремени клупски простории. Она што го има секој европски клуб од овој аспект, денеска го има и Еурофарм Пелистер.

Од сегашна перспектива, која е клучната разлика меѓу тој тим на Еурофарм од вашето доаѓање и овој сега?

„Имаме подобри услови. Подобра медицина, претседателот на клубот со своите соработници вложи многу во медицински помагала. Во професионалниот спорт е многу важна рехабилитацијата на играчите, тука се вложени големи пари. Имаме одличен автобус, многу подобар од оној период пред моето доаѓање. Ги имаме клупските простории, соблекувалната во салата ни е на европско ниво. Клубот многу напредуваше во сите аспекти на инфраструктурата во однос на периодот пред моето доаѓање и секако дека денеска е полесно да работиме поради тоа. Се вложија многу пари во овие технички работи за да се обезбедат подобри услови. Тоа се генерално базични работи и нормално дека кога тие базични работи се исполнија, дојдоа и посериозните вложувања во играчкиот кадар“.

Колку е тешко или лесно да убедите играч како Мандалиниќ да дојде од Берлин во Битола?

„Тој трансфер на Стипе Мандалиниќ беше нешто што ние како клуб го одработевме заеднички, мислам дека најмногу од сите во тие преговори направи претседателот, односно нашиот професор. Немаме никакви проблеми во меѓусебните односи бидејќи нашето его е сведено на минимум, фокусирани сме како да направиме нешто подобро, Еурофарм Пелистер да напредува. Тоа е некое мото што ги влече сите напред, денеска го направивме ова, ајде утре да продолжиме со нешто друго за клубот да биде уште подобар. Како дел од таа политика за да се напредува одлучивме да го доведеме Стипе Мандалиниќ и успеавме во таа желба, што беше одлично како маркетинг за клубот. Секако дека управата ја имаше мојата поддршка во тој трансфер, водевме разговори, успеавме да се договориме и среќни сме што погодивме бидејќи Мандалиниќ се покажа како одлично засилување.“

Колкаво е значењето на вториот тим на Еурофарм за целокупниот проект, има ли зацртан план за преселба на најдобрите играчи од „двојката“ во првиот тим?

„Јас сум задолжен само за првата екипа и не можам да говорам во детали за вториот тим. Она што можам да го кажам дека исто колку што е добро составена првата екипа, истото тоа важи и за втората, почнувајќи од тренерот Јовиќ, кој многу вредно работи и создава додатна вредност кај тие ракометари. Секако, клубот направи и одлична селекција на играчи кои се вредни и желни за работа и за напредок. Не можам да кажам ништо како конкретно и официјално, но според ова што го гледам, следното лето ќе има двајца или тројца ракометари кои се подготвени да играат за првата екипа. Тоа за мене е страшен резултат што клубот и тренерот Јовиќ го остварија“.

Сезонава во Европа почна со пораз во Ним, потоа голема негатива на стартот во Шафхаузен пред серијата добри игри… Променивте ли нешто тактички во тие моменти за да тргне на подобро?

„За да се дојде до некој резултат секогаш е тоа склоп на повеќе работи, без разлика дали говориме за некој триумф или некој пораз. Јас речиси секогаш работам иста, имам своја стратегија, имам план на подготовки и план на натпревар, што го моделирам во зависност од противникот. На пример, не можете да играте иста тактика на напад против Вардар и против АЕК, кога пивотот на Вардар игра одлично во одбрана, а оној на АЕК е слаб дефанзивец. Тоа е еден од оние детали за кои говорам. Сепак, тренерската работа е таква, не ги добивате секогаш резултатите што ги посакувате, без разлика колку добро сте се подготвиле за натпреварот. Така на првиот меч со Ним противничкиот голман имаше девет одбрани во првите 18 минути, па згора на тоа ни даде два или три гола од својот шестерец. Можам да говорам за себе, сигурно е така и со многу други тренери… имате некои свои модели кои се обидувате да ги надградите, некогаш излегува одлично, некогаш добро, а некогаш противникот успева да ве лимитира и не ви дозволува да го покажете она што го знаете. Тоа го направивме и ние против Татабања, успеавме да го лимитираме противникот да не го покаже она што го знае и забележавме убедлива победа. Работите не се променија премногу од тактички план од почетокот на сезоната до сега, освен што самодовербата кај играчите е поголема отколку што беше. 

Колку е сега полесно да се преговара со играчи за да се убедат да дојдат во Еурофарм Пелистер?

„Јас секогаш имам свој став дека е многу важно клубот да игра во Европа бидејќи самото учество во европските купови може да ви помогне да привлечете квалитетно засилување. Овие натпреварувања се голем предизвик, маркетинг за самите играчи, кои знаат дека ако играат добро во Европа ќе напредуваат во кариерите. Тоа им е доволен мотив, тренерите немаат потреба дополнително да ги мотивираат своите ракометари пред европските натпревари и многу брзо го достигнуваат својот максимум, па и клубот може да ја види вистинската вредност на тие играчи. Јас секогаш велам дека е исклучително важно клубот да учествува во Европа бидејќи со тоа се дава кредибилитет на целата организација.

Кој е следниот чекор за развој на овој амбициозен проект?

За мене секој следен чекор е ист – да се игра во Европа. Дали е тоа Лигата на Шампионите која бара многу повеќе пари од она што го имаме денес како буџет или Лигата на Европа, која исто така бара сериозен буџет, јас за тоа не можам да говорам бидејќи не се занимавам, јас сум како тренер. Ако сакаме да направиме чекор напред, треба и вложувањата да бидат поголеми.

Може ли Еурофарм Пелистер до титула сезонава? 

„Јас сум уверен дека Еурофарм Пелистер може да биде шампион на Македонија и сигурно сме му конкурентни на Вардар, но и доколку ги прашате луѓето во Скопје, многу е веројатно дека ќе ви одговорат дека тие вложуваат повеќе пари и дека ќе бидат прваци. Едно е сигурно, ќе се игра сериозен ракомет до крајот на сезонава, јас мислам дека Еурофарм Пелистер и ментално и тактички и во секој друг поглед е подготвен да ја фрли ракавицата в лице на Вардар и да се игра максимално сериозно за таа титула. Јас верувам во тоа, го посакувам, веќе покажавме дека можеме да играме со нив, ги победивме два-три пати, имавме одлични натпревари и верувам дека Еурофарм Пелистер никогаш не бил поблиску до Вардар од ова што е денеска“.

Се вчитува...