Ираола: Многу ми е мило за Баркола и за Вирц

Ливерпул одигра импресивен меч синоќа во Австрија против ЛАСК, декласирајќи го домашниот состав со 3-6, меч на кој поранешниот англиски првак можеше лесно да постигне и десетина погодоци ако се знае дека само во првото полувреме имаше 19 удари кон противничкиот гол.

Тренерот Ираола го изротира сериозно тимот, но тоа не се одрази врз изданието на Ливерпул,, кој стигна до втората победа во ЛШ сезонава.

„Севкупно, презадоволен сум бидејќи игравме токму онака како што посакувам. Вршевме притисок секогаш кога противникот ја имаше топката, а кога таа беше во наш посед бевме агресивни, притискавме кон голот на ЛАСК. Добро ја движевме топката, креиравме простор и шанси и тоа е правецот во кој очекувам да продолжиме“, истакна стратегот на „црвените“.

Тој имаше особено пофални зборови за Бредли Баркола и за Флоријан Вирц, кои беа критикувани во изминатиот период од јавноста, но Баркола одговори со хет-трик, а Вирц имаше серија одлични потези на противничката половина.

„Многу ми е мило за Баркола, не само за трите гола што ги постигна, тоа беше одлично комплетно издание, цело време закана за противниците, во еден на еден ситуациите, во разигрувањето на соиграчите. Тој покажа за каква класа на играч станува збор и среќни сме што го имаме. Среќен сум и за Вирц, за кого исто така добивав многу прашања последните денови, но Фло денеска беше извонреден во поседот на топката. Имаше одлични додавања, асистенција, ни беше од огромна помош за да го контролираме темпото, особено во првото полувреме“, задоволен е Ираола.

Се вчитува...