Веселин Вујовиќ го напушти кормилото на репрезентацијата на Катар

Искусниот црногорски стратег и добро познато име во македонскиот ракомет, Веселин Вујовиќ, нема да ја предводи репрезентацијата на Катар на претстојното Светско првенство во 2027 година во Германија.

И покрај неодамнешниот голем успех и освоениот сребрен медал на Азиските игри во Јапонија, двете страни не успеаја да пронајдат заеднички јазик за продолжување на соработката.

Вујовиќ, кој минатата пролет се врати на клупата на Катар како наследник на Валери Ривера, зад себе веќе имаше еден мандат со оваа селекција на Мундијалот во 2025 година во Хрватска. Сепак, и покрај позитивните резултати, преговорите за нов договор пропаднаа откако популарниот „Вујо мајсторе“ отворено го изрази своето незадоволство од понудените услови од страна на катарската федерација, со што стави точка на својата втора епизода во оваа азиска земја.

„Точно е, не договоривме продолжување на соработката. Не добив коректна понуда по освоениот медал на Азиските игри, каде што ја имав највозрасната екипа на светот. Сметав дека заслужувам договор до месец мај и квалификациите за ЛОИ во Лос Анџелес, но тие ми понудија само до крајот на Мундијалот во јануари. Групата во Кил е исклучително тешка со Шведска, Норвешка и Грција. Попаметно е да си заминам сега отколку по три порази на турнирот“, изјави Вујовиќ за „Балкан Хендбол“.

Се вчитува...