Ракометната репрезентација на Македонија ја оправда фаворитската улога, славејќи убедливо над Луксембург со 41-23, на стартот од квалификациите за ЕП 2028. Нашите ракометари одиграа на висина на задачата, уште во првото полувреме се одлепија на „плус десет“, што им овозможи да демонстрираат моќ, но исто така и да сочуваат дел од силата за следниот предизвик и гостувањето во Грција закажано за в недела.
По натпреварот селекторот Кирил Лазаров ја анализираше победата на Македонија.
„Задоволен сум од момците како пристапија кон мечот и нивниот ангажман. Немавме доволно време, но сработивме добро. Мораше да почекаме да се одморат и играчите по македонското дерби, имавме и нов играч кој за првпат беше во тимот и мораше да го вклучиме во тимот. Го искористивме максимално времето. Задоволен сум од тоа како системски напаѓавме, секогаш може подобро, може и полошо, но генерално задоволен сум. Мислам дека заштедивме и сили, со оглед на тоа што е тек на сезона, а играчите доаѓаат од клубови со силни натпревари, од силни лиги, со Лига на шампиони, Европска лига, Европски Куп. Имаме три дена до мечот со Грција, таму ни следи пеколен меч и одлична репрезентација која ја помина Холандија на патот кон Светското првенство. Ќе пристапиме максимално сериозно, треба да бидеме спремни на сите работи, можни се многу спортски сценарија, така што ќе пробаме психолошки да се спремиме за она што ни следува. Не ми е важен резултатот, туку пристапот и на кој начин игравме. Имавме темпо 60 минути што воопшто не е лесно за наши македонски прилики, без разлика што се работи за Луксембург. Им честитам на момците за сработеното и она кое го направија на терен“, изјави Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
