Ракометната репрезентација на Македонија ја оправда фаворитската улога, славејќи убедливо над Луксембург со 41-23, на стартот од квалификациите за ЕП 2028. Нашите ракометари одиграа на висина на задачата, уште во првото полувреме се одлепија на „плус десет“, што им овозможи да демонстрираат моќ, но исто така и да сочуваат дел од силата за следниот предизвик и гостувањето во Грција закажано за в недела.
Десното крило Петковски го реализираше првиот напад на натпреварот, како најава за квалитетното полувреме на Македонија против аутсајдерот во групата. Томовски почна сигурно на голот, па предноста по три минути игра веќе беше 3-0 (прецизни беа и Митев и Кузмановски). Продолживме да доминираме и по исклучувањето на Митев (поради случаен удар во главата на противничкиот голман), па со вториот седмерец на капитенот Кузмановски поведовме со 5-1 по нецели седум минути игра.
Цврстата одбрана на чело со Томовски функционираше беспрекорно, противникот имаше само еден гол во првите десет минути, период во кој Македонија стигна до водство од 7-1. Динар побара тајмаут во 12. минута, но предноста на Македонија растеше и со двата гола на Петковски набрзина стигнавме до 9-1.

Во 17. минута, при наше водство од 10-2 за првпат на еден меч на македонската репрезентација во нашиот состав влезе Дмитро Горига, а Украинецот со македонски пасот во 21. минута го постигна и првиот гол за нашиот национален тим, за водство од 12-3, а првата двоцифрна предност ја имавме минута подоцна, кога Серафимов погоди за 13-3. Темпото пред крајот на полувремето малку опадна, противникот го искористи за да постигне неколку погодоци, па на одмор заминавме со убедливи 20-10, предводени од најдобриот стрелец Петковски со пет гола од исто толку обиди.
Второто полувреме на нашиот гол застана Галевски на местото на одличниот Томовски, а Лазаров на лево крило почна со Дамјан Митев, кој е прекомандуван од бековската позиција. Побеедникот веќе беше решен, па се играше брзо на двете страни, со убави погодоци, но и грешки, како кај гостите, така и кај нашите ракометари.
Динар побара тајмаут во 41. минута при негатива на Луксембург од 27-15, Македонија рутински го контролираше мечот и со двата гола на Костески во низа поведе со 31-18, а Лазаров веќе до 45. минута им даде шанса на сите ракометари во ростерот. Доминацијата продолжи, па во 52. минута со голот од контранапад на Дамјан Митев за првпат дојдовме и до 15 гола предност (34-19). Лазаров и неговите избраници рутински го приведоа мечот до крај, славејќи со конечни 41-23.
Костески беше прв стрелец со шест гола, сите во второто полуврее, Петковски и Серафимов реализираа по пет погодоци за Македонија, а по четири постигнаа Кузмановски и Марко Митев.
Многу посериозен испит ќе биде оној вториот ноемвриски што нашите ракометари ќе го имаат веќе в недела кога гостуваат на Грција, дуел на кој победа би значела и широко отворање на вратите кон новиот европски шампионат што во јануари 2028 ќе се одржи во Шпанија, Португалија и во Швајцарија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
