Кузмановски: Овој тим ветува, играме модерен ракомет

Ракометната репрезентација на Македонија ја оправда фаворитската улога, славејќи убедливо над Луксембург со 41-23, на стартот од квалификациите за ЕП 2028. Нашите ракометари одиграа на висина на задачата, уште во првото полувреме се одлепија на „плус десет“, што им овозможи да демонстрираат моќ, но исто така и да сочуваат дел од силата за следниот предизвик и гостувањето во Грција закажано за в недела.

По натпреварот капитенот Филип Кузмановски ја анализираше победата на Македонија.

„Како што кажав пред почетокот на двата меча, мислам дека тие ни се многу важни. Имавме задачи како треба да се однесуваме и да ги искористиме грешките на противникот. Поголемиот фокус ни беше на мечот со Грција, сите кои играа со Луксембург го дадоа максимумот. Влеговме во добра ротација, немаме замор. Имаме уште три дена да се спремиме за мечот со Грција, среќен сум за тимот. Така треба да изгледа Македонија на терен, тоа е модерен ракомет, добра одбрана, брза транзиција и како што кажав, овој тим ветува. Одиме чекор по чекор да се надградуваме и да одиме понатаму со самодоверба. Мислам дека имаме квалитет да покажеме уште повеќе во иднина“, изјави Кузмановски.

Се вчитува...