Винисиус се повеќе потсетува на Марио Балотели, проблематичниот голгетер кој беше извонреден талент, но бројните инциденти придонесоа кариерата пребрзо да почне да му се движи во надолна линија.
Тој повторно се пожали за нееднаквиот третман што го има кај судиите откако вчера беше казнет со четири меча неиграње за црвениот картон добиен минатиот викенд. Според Винисиус, тој воопшшто не бил виновен за инцидентот, опишувајќи го „како се заглавил во косата на противникот“.
„Имаа цел ден да ја соопштат одлуката, а сепак го сторија тоа за да дознаам токму кога влегувавме на стадиоот. Не можам да разберам што се случува, немаше никакво објаснување… на крајот најлесно е да кажете – црвен картон за Вини. Се обидував да се ослободам од фудбалерот што беше пред мене и се заглавив во неговата коса. Никогаш не сум покажал насилство кон колега, кон друг фудбалер. Секогаш се обидувам да останам мирен, иако цело време сум удиран и фаулиран. Ем јадам ќотек, ем на крајот секогаш јас сум тој што добива картон“, се жали Винисиус.
Тој сепак е убеден дека ќе успее да се врати во посакуванаа форма.
„Не сум загрижен, попрво би рекол дека сум лут на самиот себе… Дојдов овде на 18 години, многу луѓе ми се смееја, ми велеа дека нема да дадам ниту еден гол за Реал, сега ги имам над 100 и освоив многу трофеи со овој клуб. Минувам низ тежок период, но Вини секогаш се враќа. Ќе продолжам да работам напорно за да го вратам Реал на врвот“, порачува бразилскиот голгетер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
