Официјално: Хорига ќе игра за Македонија!

Поранешниот ракометар на Вардар, Дмитро Хорига ќе биде нов член на македонската репрезентација откако беше завршена целата процедура за да може да го облече дресот на националниот тим.

Првиот човек на Ракометната федерација на Македонија, Александар Стефанов, на денешната прес-конференција објави дека ИХФ дала зелено светло за одличниот бек да може да почне да настапува во црвено-жолтиот дрес.

„Официјално, Дмитро Хорига е нов член на македонската национална селекција, нормално доколку селекторот го повика. Знаете дека тој од неодамна има македонски пасош, од пред месец дена доби и официјално признание од ИХФ, таа одлука стапува во сила веднаш и се надевам дека тој ќе ни се приклучи веќе на наредните квалификации. Мислам дека добиваме еден ракометар што ќе даде тежина и голем придонес, тој е во зенитот на својата кариера и се надеваме дека со него ќе добиеме на квалитет и ќе придонесе и тој за подобри резултати во иднина“, истакна претседателот на РФМ, Александар Стефанов.

Селекторот Кире Лазаров е задоволен што украинскиот бек конечно ќе му биде на располагање и во националниот тим.

„И самите знаете дека Хорига доби државјанство додека настапуваше за Вардар и беше само прашање на време кога ќе добие зелено светло за настап на Македонија. Верувам дека ако и се укаже на Македонија ваква шанса треба да ја искористи, за да добиеме на квалитет и да имаме уште подобар тим. Што се однесува до Хорига, наше мислење е дека имаше одлични настапи за Вардар, беше во главна улога при освојувањето на титулата, се пресели во уште посилна лига, игра во Пик Сегед во Унгарија, игра во ЛШ. Се работи за играч кој има шут од надвор, кој е играч во два правци, кој има победнички карактер и во последните години покажал дека секогаш прави се за неговиот тим да победи. Разговарано е со капитенот Кузмановски, кој е известен и кој е свесен дека за добри резултати ни е потребно да имаме што повеќе врвни ракометари во составот, особено на големи натпреварувања каде се игра на секои два дена. Можеби ќе треба малку време бидејќи националната селекција функционира поспецифично на пократки периоди, но верувам дека со стручниот штаб ќе сториме се за да го адаптираме што поскоро“, истакна селекторот Лазаров.

Се вчитува...