Ислами пред заминувањето за Ерменија: Можеме да се надигруваме со Алашкерт

Шефот на стручниот штаб на Ренова, Бујар Ислами е убеден дека неговиот тим може максимално да се надигрува со фаворизираниот Алашкерт во првото квалификациско коло од Лигата на Европа. „Гипсарите“ утрово со чартер лет отпатуваа за Ерменија каде утре од 18 часот на „Стадионот на Републиката“ во Ереван ги очекува дуелот со ерменскиот состав.

„Алашкерт е исклучително квалитетен тим во чии редови има голем број странци кои го носат квалитетот. Но, ние не патуваме туристички во Ереван, туку напротив сигурни дека може да се надигруваме со противникот. Свесни сме дека ќе биде тежок натпревар, Ерменците ја носат фаворитската улога но ние ќе се впуштиме на дуелот со свои цели и амбиции“ – истакна Ислами пред заминувањето за Ерменија.

Во редовите на Алашкерт настапува и македонскиот дефанзивец Ристо Митревски, еден од вкупно 12 странци во тимот. За трикратниот шампион на Ерменија ова ќе биде 23-ти натпревар на европската сцена. Ренова, пак, по четири години пауза повторно се враќа со настап во европските клупски натпреварувања.

Се вчитува...