Ракометарите на Исланд славеа убедлива победа против Бахреин со 36-19 и во вториот контролен натпревар во подготовките пред настапот на СП во Германија и Данска. Исланѓаните беа поуспени и прилично ефикасни и во првиот дуел со Бахреин кој го добија со 36-24.
Исланд и Бахреин ќе и бидат противници на Македонија во групата Б во Минхен, во првата фаза на Мундијалот, па токму затоа, овој контролен дуел е посебно интересен и за македонската јавност.
Иако не е вообичаено репрезентациите пред големите настапи да тестираат со некој од своите противници, сепак, Ислаѓанецот Арон Кристјансон на клупата на Бахреин договори проверка со своите сонародници. Селекторот на Исланд, Гудмундур Гудмундсон во домашните медиуми најави дека првиот меч против Бахреин ќе го искористи да ги тестира сите играчи од ростерот, а вториот да ги испроба и тактичките варијанти и мечот го почна со првата постава.
Вообичаено лидерската улога во исландската репрезентација ја имше капитенот Гудјон Валур Сигурдсон. Искусното лево крило на Рајн Некар Левен, го предводеше нападот на Исланд и беше стрелец на пет од вкупните 13 гола на својата репрезентација во првиот дел (13-9).
Сигирдсон беше најефикасен во репрезентацијата на Исланд со осум гола, седум постигна Сигвалди Бјорн Гудјонсон, а стрелец на пет гола беше Елвар Орн Јонсон. Бјоргвин Пал Густавсон запиша девет, а Арон Рафн Едвардсон четири одбрани на голот на Исланд. Во составот на Бахреин четири гола постигна десното крило, Мохамед Хабиб, а по три погодоци реализираа бековите Али Мерза и Комаил Махфуд. Голманот Мохамед Хусаин заврши со седум одбрани.
Македонија против Бахреин ќе игра во вториот меч на СП, на 13 јануари, а дуелот со Исланд е во последниот круг на 17 јануари. Во групата Б во Минхен се уште и селекциите на Шпанија, Хрватска и на Јапонија. Првите три селекции од групата обезбедуваат пласман во втората фаза од СП.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА