Исланд поразен од Норвешка во подготовките пред СП

Ракометната репрезентација на Исланд загуби од Норвешка со 25-31 во првиот натпревар на подготвителниот турнирво Осло, пред настапот на СП во Германија и Данска. Исланд е еден од противниците на македонската репрезентација во групата Б во Минхен, во која се уште и Шпанија, Хрватска, Бахреин и Јапонија.

Избраниците на селекторот Гудмундур Гудмундсон беа во подредена улога и во негатива речиси во текот на целиот натпревар. Норвежаните на полувремето имаа два гола предност, а во вториот дел ја заголемија разликата.

Дури десет ракометари на Исланд се запишаа во листата на стрелците на овој меч, а најефикасни беа средниот бек Гисли Кристјансон и левиот бек Олафур Гудмундсон  со по четири гол. По три гола постигна Арнор Гунасон, Рунар Карасон и Имир Гисласон. Одбраната на Исланд на овој меч немаше голема поддршка од голманите, Густавсон во првото полувреме немаше ниедна одбрана, а  Боргвинсон запиша седум во вториот дел. Репрезентацијата на Норвешка ја предводеа Сандер Сагосен со осум гола и Бјарте Мирхол со пет. За разлика од слабото издание на исландските голмани, Торбјорн Бергеруд на голот на Норвешка запиша 16 одбрани.

Викендов Исланѓаните ќе одиграат уште два натпревари против селекциите на Бразил и на Холандија.

СП во Германија и Данска стартува на 11 јануари, Исланд во првото коло во минхенската група го очекува дуелот со Хрватска.

Се вчитува...