Исто како во Скопје – Вардар покажа срце и заби, но загуби од Пик Сегед

Вардар претрпе и втор пораз во четири дена од Пик Сегед, овојпат на гостувањето против унгарскиот вицепрвак со резултат 34-33. Идентично како и на првиот меч во Скопје, „вардарци“ покажаа квалитет и карактер, во второто полувреме се вратија од „минус шест“, но немаа сили за целосен камбек и забележаа уште еден пораз во Лигата на Шампионите оваа сезона.

Унгарскиот состав беше подобар само во почетните десет минути, Пик Сегед отвори со водство од 2-0, а Вардар првиот гол го постигна со пеналот на Чупиќ во 4. минута, по изнудениот пенал и исклучување од Гоце Георгиевски. „Вардарци“ добиваа на самодоверба како што одминуваше времето, по пеналот врз Стоилов и новиот седмерец на Чупиќ за првпат поведоа на мечот (6-7), по што го контролираа резултатот до самиот крај. Хрватот одлично се снајде како бек, постигнувајќи голови, но и асистирајќи до соиграчите, а кога во серија одбрани влезе и голманот Кантегрел водството на Вардар се зголеми на три гола (14-17), за на одмор да замине со предност од два погодоци, 17-19.

И кога се очекуваше во исто темпо да се одигра и второто полувреме, дојде до огромен пад во изданието на македонскиот првак на овој меч. Се разбрани Миклер, но зачестија и техничките грешки во нападот, што им овозможи на унгарските ракометари лесно да го наоѓаат патот до мрежата на Кантегрел. Алушовски делуваше немоќно во обидите да го запре налетот на противникот, па откако Вардар постигна само два гола во првите 15 минути од второто полувреме, противникот поведе со убедливи 27-21 во 45. минута од мечот.

Стоилов ја прекина серијата на противникот со гол во 47, минута, по што „вардарци“ покажаа знаци на живот, а по голот на Дибиров за 28-26 домашниот тренер побара тајмаут. Веднаш по тајмаутот Габер реализираше, а на спротивната страна Миклер му одбрани зицер на Калараш. Избраниците на Алушовски не се предадоа, па при 30-28 имаа напад за да дојдат на „минус еден“, но едно погрешно додавање на Гаџа му овозможи лесен гол на противникот. „Црвено-црните“ немаа намера да се предадат, па во наредните минути реализираа преку Гаџа, потоа и со контранападот на Дибиров, па на две минути до крајот резултатот гласеше 32-31 за Пик Сегед.

Сепак, во најлош момент следеше исклучуваше на Шеваљевиќ и пенал за Пик Сегед што Марио Шоштариќ го претвори во гол за 33-31. Стоилов погоди извонредно за 33-32, па Пик Сегед влезе во последните 40 секунди со водство од еден гол и напад. Кашпарек стави крај на дилемите околу победникот, а во последните секунди конечните 34-33 ги постави Тимур Дибиров.

Иван Чупиќ со девеет гола беше прв стрелец на Вардар, шест постигна Стоилов, а по пет пати прецизни беа Дибиров и Јотиќ.

Се вчитува...