Историја со Бруклин: Прв Шпанец на чело на НБА-тим

Џорди Фернандез испиша историја станувајќи прв шпански тренер кој ја добива довербата да стане шеф на стручен штаб на една НБА-екипа, откако Бруклин Нетс го избра токму овој млад стручњак за тренер за наредната сезона.

Фернандез, кој е роден во Бадалона, веќе неколку години е дел од НБА-лигата, во последните две сезони е многу важен член во стручниот штаб на Сакраменто кингс, а за неговите квалитети најдобро говори фактот што иако беше помошен тренер, ја доби довербата да стане селектор на Канада, селекција со која стигна до бронзениот медал на последниот Мундобаскет, во малото финале совладувајќи ја селекцијата на САД.

„Пресреќни сме што можеме да објавиме дека Џорди Фернандез ќе биде нов шеф на стручниот штаб. Како што течеа интензивните преговори во изминатите шест месеци, секој нареден ден стануваше се појасно дека Џорди е најдобрата опција за да го предводи нашиот тим во нови успеси. Тој носи искуства и кошаркарско знаење од различни делови на светот, а веќе има докажано дека поседува квалитет за да го извлече максимумот од ростерот што ќе го има на располагање“, изјави генералниот менаџер на Бруклин, Шон Маркс.

Се вчитува...