Историја за Леброн, предност за ЛА Лејкерс, источно финале за Мајами (ВИДЕО)

Леброн Џејмс стана играчот со најмногу плеј-оф победи во историјата на НБА лигата. Тој дојде во бројката од 162 триумфи во разигрувањата и го надмина Дерек Фишер кој е на 161. Леброн со 36 поени ги предводеше Лос Анџелес Лејкерс до победата од 112-102 за предност од 2-1 во полуфиналната серија од Западната конференција со Хјустон.

 

 

„Лејкерс“ беа подобри во второто полувреме, третата четвртина ја добија со три, а последниот сегмент со 10 поени предност. Четвртиот натпревар во серијата е по два дена. Покрај, Џејмс во победничкиот тим добар натпревар имаа и Ентони Дејвис со 26 и  Ражон Рондо со 21 поен. Кај Хјустон, тандемот Харден-Вестбрук беше на висина на задачата. Харден постигна 33, а Вестбрук 30 поени.

Првпат по 2014 година Мајами обезбеди пласман во финалето на Источната конференција. Тимот од Флорида го елиминираше најдобриот тим на Истокот во регуларниот дел, Милвоки добивајќи ја полуфиналната серија убедливо со 4-1 во победи. До решавачкиот триумф, Мајами дојде со 103-93 во дуел во кој Милвоки беше без повредениот Јанис Адетокумпо.

Милвоки добро влезе во натпреварот, ја доби воведната четвртина со 11 поени предност (29-18), но Мајами експресно возврати правејќи 15 поени разлика во вториот сегмент (18-33), ја презеде контролата на резултатот и не ја испушти позитивата до крајот од средбата.

Крис Мидлтон постигна 23 поени, а Горан Драгиќ и Џими Батлер со по 17 поени беа лидери во триумфот на Мајами кој во финалето на конференцијата ќе се сретне со победникот од полуфиналето меѓу Бостон и Торонто во кое во моментов “селтикс“ водат со 3-2.

Се вчитува...