Унион Берлин вчера му врачи отказ на тренерот Урс Фишер, а германскиот прволигаш потоа донесе и одлука околу изгледот на стручниот штаб со која испиша историја во Бундес-лигата.
За нов тренер, барем за наредниот период беше именуван Марко Гроте, кој досега работеше со У19 екипата на Унион Берлин, а негова десна рака во стручниот штаб беше именувана Мари Луиз Ета. Таа ќе ја има улогата на асистент-тренер, со што ќе стане прва жена што воопшто ќе седи на клупата како дел од стручниот штаб на еден германски прволигаш.
Ета е поранешна професионална фудбалерка, попозната по семејното презиме Багехорн под кое настапуваше додека не стапи во брак. Таа имаше успешна играчка кариера, во 2010 година до Турбине Потсдам стигна и до титулата во Лигата на Шампионите, ја заврши играчката кариера на 26-годишна возраст, а сега, шест години подоцна испишува историја и како тренер.
Таа ја почна тренерската кариера во 2019 година работејќи со женски екипи, а летово се пресели во Унион Берлин за прв ангажман со машки тим, како дел од стручниот штаб на М19 составот на Унион. Првиот тренер на оваа екипа, Марко Гроте, ќе добие шанса со сениорите на Унион Берлин, а Гроте веднаш стави до знаење дека ја сака Ета крај себе во првата екипа, желба што му беше исполнета од управата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА