Историско финале за ПСЖ, се чека Вардар или Барселона

ЕКИПА во Келн,

Стеван Цаневски, Игор Паневски

Пари сен Жермен е првиот финалист во Лигата на шампионите откако францускиот првак во суперинтересно полуфинале успеа да слави над Веспрем со 27-26. Мечот мина во израмнета пресметка во текот на сите 60 минути, Веспрем имаше последен напад за израмнување, но не ја искористи шансата, па го загуби овој натпревар и уште еднаш остана без европска круна. За ПСЖ ова е историско прво финале, во кое тимот предводен од Карабатиќ, Хансен и Омејер за противник ќе го има подобриот од мечот меѓу Вардар и Барселона.

Полуфиналето почна со израмнета игра на двете страни, а Веспрем по неколкуте минимални водства почна со промашувања, па ПСЖ со два гола од контранапади првпат поведе со два гла предност (5-3). Се разбрани и Омејер, „светците“ имаа и 7-4 и напад, но не реалиираа, по што Веспрем се врати и на редина од полувремето намали на 7-6. Омејер бранеше одлично, но ПСЖ се мачеше во нападот, па при водство на францускиот првак од 8-7 по 22 минути игра тренерот Сердарушиќ побара тајмаут. Сепак, безидејноста во нападот на „светците“ продолжи, па Веспрем преку Нилсон израмни на 9-9, резултат при кој унгарскиот шампион не искористи напад за водство. До крајот на полувремето се играше гол за гол, за Лекаи во последната минута да израмни на 11-11, резултат со кој се замина на одмор.

psz vesprem1

Илиќ, кој го преседе на клупата поголемиот дел од првото полувреме, веќе во првиот напад од продолжението го совлада Омејер. На спротивата страна ветеранот Нарсис влезе во ритам со два брзи погодоци, но затоа надвор од ритам беше Никола Карабатиќ, кого унгарскиот првак одлично го неутрализираше. Веспрем се обиде со брза игра да изненади, но по два промашени шутеви само им овозможи на противниците со два брзи гола да поведат со 17-15. Сабате зеде тајмаут, но продолжи да игра со Палмарсон на десен бек, па дури по водствот на противникот од 19-16 тренерот на Веспрем го врати својот капитен на теренот.

Ситуацијата на теренот набрзина се промени, Хансен доби две минути, Алиловиќ му одбрани пенал на Генсхајер, па Веспрем експресно се врати во мечот намалувајќи на 19-18. Унгарците имаа и напад за израмнување, но ја загубија топката, по што Ремили беше прецизен за ново водство на ПСЖ од два гола разлика. Унгарците покажаа карактер и пак се вратија, па во последните десет минути се влезе со израмнети 22-22. „Светците“ од Париз сепак успеаја во она што го посакуваа, да го наметнат нешто побрзото темпо во самата завршница, Веспрем не успеваше да ги запре нивните налети, па избраниците на Сердарушиќ повторно стигнаа до „плус два“ (25-23).

psz vesprem3 omejer

При овој резултат Благотиншек промаши зицер во обид да го лобува Омејер, но потоа на спротивната страна згрешија и „светците“, кога Нкуду од идеална ситуација од крило направи престап. На четири минути до крајот при резултат 26-25 за ПСЖ Славе Николов досуди пенал за францускиот тим по стартот врз Нарсис, но Хансен биеше само во дирекот. Веспрем воедно остана и со играч помалку, Палмарсон во следниот напад биеше крај дирекот, за во вистински момент да се разбуди Никола Карабатиќ, постигнувајќи го клучниот гол за водство од 27-25 на две минути до крајот.

Сабате зеде тајмаут, веднаш потоа Наѓ погоди за 27-26, а Миклер го одбрани обидот на Ремили. Веспрем доби напад за израмнување во последната минута, го повлече и голманот на 20 секунди до крајот играјќи „седум на шест“, со Нилсон и Сулиќ како пивоти. Сепак, Унгарците непотребно компликуваа, па по неспретните додавања на Илиќ и на Палмарсон, ПСЖ го доби овој натпревар со 27-26, па сега ќе го очекува подобриот од дуелот Вардар – Барселона за ривал во големото финале.

Хансен и Генсхајмер со по седум гола беа најефикасни кај ПСЖ, пред Нарсис со три погодоци, додека Карабатиќ постигна само еден гол во ова полуфинале. Најефикасни кај Веспрем при денешниот пораз беа Наѓ со шест и Гајиќ со пет погодоци.

Се вчитува...