Италијанскиот фудбал загуби еден од своите омилени фудбалски херои. На само 58 години почина Игор Проти, легендарен напаѓач кој со своите голови одбележа една ера на италијанскиот фудбал.
За жал, тој ја загуби битката со ракот на дебелото црево, а тажната вест ја потврди во текот на ноќта неговото семејство, кое ја пренесе и последната порака што Проти ја остави пред смртта.
„Тоа прекрасно патување, како и секој натпревар, дојде до последниот свиреж на судијата. Тешко е да се најдат зборови за да се опише. Единственото нешто што можам да направам е да им се заблагодарам на моето големо и прекрасно семејство, кое го обожавав, на сите луѓе што ме сакаа и беа со мене, и навивачите на клубовите за кои играв“, рече Проти.
Игор Проти ќе биде запаметен како еден од најомилените италијански напаѓачи на неговата генерација. Најголем белег остави во Бари и Ливорно, каде што го стекна статусот на клупска легенда и миленик на навивачите.
Тој особено се истакна во сезоната 1995/96, кога стана најдобар стрелец во Серија А со 24 гола, иако неговиот Бари на крајот испадна од лигата. Со тоа, тој испиша единствена страница во италијанскиот фудбал.
Проти е исто така еден од ретките фудбалери кои беа најдобри стрелци во Серија А, Серија Б и Серија Ц1. По епизодите во Лацио и Наполи, тој се врати во Ливорно, каде што како капитен го водеше клубот од третата дивизија во Серија А и стана симбол на градот и клубот.
Навивачите на Ливорно го нарекуваа „Крал на Ливорно“, а по завршувањето на неговата кариера, клубот го повлече неговиот дрес со број 10 во знак на благодарност.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
