Ива Пројковска со беспрекорно судење пред 63.000 гледачи: „Само на Вембли може да се почувствува што значи фудбалот за Англичаните“ (ФОТО)

Какво е тоа чувство за еден фудбалски судија да се појави на центарот на легендарниот стадион Вембли во Лондон пред повеќе од 60.000 гледачи? Знае најдобрата македонска судијка, интернационалката Ива Пројковска која на овој фудбалски храм во Европа го судеше мечот меѓу женските репрезентации на Англија и Шведска (1-1) во првото коло од Лигата на нациите. И тоа во извонредна атмосфера пред точно 63.240 гледачи со платени билети, што е навистина импозантна бројка, особено кога се работи за женскиот фудбал.

На дуелот во Лондон и помагаа Вјолца Изеири од Гостивар и Ната Фернандез Руиз од Андора. Четврти судија беше Марјан Дејановски од Кичево.

Според пишувањето на англискиот печат, какo што не информираше во телефонскиот разговор познатиот фудбалски менаџер Борко Круниќ, кој долги години живее во Лондон, нашата Ива Пројковска одлично си ја завршила својата задача, не потпаднала под притисок на толку голем број гледачи пред кои за првпат судела. Добра оценка добила и од контролорот на судењето, поранешната позната италијанска судијка Карина Витулано.

„На Вембли видов колку Англичаните го сакаат фудбалот и својата репрезентација, без оглед дали се работи за машка или женска селекција. Беше задоволство да се суди во таква атмосфера. На самото излегување на теренот кога ги видов преполните трибини, и едно френетично навивање кое не престана за сите 90 минути, како да ми дадоа некоја сила. И издржав, иако, морам да признаам, не беше лесно да се суди едно такво дерби и пред толку гледачи, и тоа на еден од најпознатите стадиони на светот“ – ни изјави Ива по враќањето од Лондон.

Ова е вторпат како Пројковска и суди на репрезентацијата на Англија. Пред две години го судеше  пријателскиоит меч со Италија (2-0) во Ковентри. Но, на тој натпревар присуствувале 34.600 гледачи.

Колку судиската комисија на УЕФА  има доверба во Ива Пројковска, која се наоѓа во елитната група на 20 најдобри европски женски судии покажува и овој податок. За овие три месеци од новата сезона, таа веќе судеше на четири натпревари. Во Прага меѓу Славија и Сент Полтен од Австрија, во Франција меѓу Париз и Челци во Лигата на европските шампиони и на натпреварот во Холандија меѓу машките екипи во Лигата на европските шампиони за младинци меѓу АЗ Алкмар и Порто. И на крајот овој последен меѓу Англија и Шведска.

М.Мицковиќ

Се вчитува...