Ивановиќ е решение за проблемот на Барса

Барселона мора час поскоро да почне потрага по нов дефанзивец, по неочекуваните проблеми со кои се соочи Ернесто Валверде на почетокот од сезонава. Умтити го повреди коленото и според последните информации ќе мора да замине на операција, по што ќе следи пауза најмалку до март, а во меѓувреме се повреди и Вермален, кој најмалку шест седмици нема да му биде на располагање на стручниот штаб на каталонскиот гигант.

Ова практично значи дека Валверде од централни дефанзивци може да смета само на Пике, кој игра во очајна форма, и на Ленгле, кој се уште не е адаптиран на системот на игра на каталонскиот гигант по трансферот од Севилја. Поради ова тренерот на Барса инсистира да му биде доведен искусен дефанзивец кој веднаш би оставил трага врз играта во одбрана, а на врвот на неговата листа се наоѓа Бранислав Ивановиќ. Српскиот ветеран освои се што можеше да се освои со Челси, а сега е предводник на тимот на Зенит. Според шпанските медиуми, Барса е подготвена да испрати понуда за позајмица на Ивановиќ на шест месеци (почнувајќи од јануари), со можност потоа целосно да биде откупен неговиот договор со рускиот клуб, па интересно ќе биде да се види дали Зенит ќе одговори позитивно на ваквото барање, со оглед на фактот дека Ивановиќ е лидер на овој тим, кој почна одлично и се наоѓа на врвот на табелата во домашното првенство.

Каталонците како долгорочно решение го планираат Де Лигт, но Ајакс нема намера да го продаде холандскиот репрезентативец среде сезона, а згора на тоа Барса нема да има нималку лесна задача да го осигура неговиот потпис со оглед на интересот што за истиот играч го покажуваат и Манчестер јунајтед, Челси, Јувентус и Баерн Минхен.

Се вчитува...