Ивановски го собори државниот рекорд на 3.000 метри, но за „влакно“ без медал на Балканското првенство

Најдобриот македонски атлетичар Дарио Ивановски го собори државниот рекорд на 3.000 метри, но за малку остана без медал на Балканското првенство кое се одржува во Стара Загора, Бугарија.

Ивановски трката на 3.000 метри на шампионатот ја заврши на 4. место со време од 8:17.65, што е подобро за 27 стотинки од државниот рекорд на Македонија, исто така во негова сопственост, а поставен во 2017 година на атлетскиот митинг во Нови Сад.

Ивановски остана на само 80 стотинки зад третопласирани на трката, Хрватот Дино Бошњак, само за малку останувајќи без бронзениот медал. Златото го освои Елзан Бибиќ од Србија со време од 8:15.06, пред Турчинот Рамазан Оздемир со време од 8:15.61.

„Задоволен сум од настапот на Дарио на ова Балканско првенство. Трката на 3.000 метри беше тактичка. Првите четворица се бореа за медал без фокус на резултатот. Дарио може да постигне и резултат од околу 8:15 на 3.000 метри, но и тој трчаше тактички за да го освои посакуваниот медал. Но, како и во Истанбул, и тука заврши на 4. место. Во секој случај, го подобри неговиот рекорд од 2017 година. Следна наша цел е престојното Европско првенство на кое атакуваме на голем резултат на 1.500 метри“ – ни изјави Игор Јакимовски, тренерот на македонскиот атлетичар.

Претходно, пак, на Балканското првенство Ивановски не успеа, поради проблеми, да ја заврши трката на 1.500 метри.

Се вчитува...