Ивановски: Кога ми се јавија од Хајдук не размислував ниту една секунда!

Во сплитски Хајдук на македонскиот напаѓач Мирко Ивановски гледаат како најголемо засилување за следната сезона, повеќе од сериозно име кое им беше неопходно на сплитските бели.

А, Ивановски, пак, категорично нагласува дека кога го добил повикот од Хајдук не размислувал ниту една секунда…

„Кога го добив повикот немаше воопшто никаква дилема. Хајдук е ‘топ’ клуб и сите останати комбинации, а ги имаше неколку, веднаш ги избришав. Го чекав само тоа! Во Копривница знаеја дека нема да останам па немаше смисла да се разговара за продолжување на договорот“ – вели Ивановски во интервју за „Слободна Далмација“.

А, во Сплит доаѓа како слободен фудбалер на повик на Жељко Копиќ, тренерот кој го тренираше извесен период и во Славен Белупо.

„Копиќ кога ми се јави ми рече дека треба да дојдам за да направиме заедно големи нешта за Хајдук. Јас знам дека тука сега е далеку поголема конкуренција во нападот, но ќе се трудам да ги оправдам очекувањата и серизно да се изборам за својот статус во клубот“ – вели Ивановски кој потенцира дека во квалификациите за Лигата на Европа посакувал да игра против екипа од Македонија.

„Искрено сакав да играме со тим од Македонија. За овие Илвес и Славија малку знам, но знам дека треба да ги минеме“.

Во својата кариера Ивановски бил и во Полска, Романија, Унгарија… Каде беше најубаво?

„Најубавото сега следи. Никогаш порано не сум бил во Сплит, па сега малку уживам… Сега сум уште еден хајдуковец од Македонија. А ги има многу. Соиграч порано ми беше Игор Кралевски, а добро се познавам со бројни хајдуковци Ѓузелов, Сетинов…, како и Мирослав Вајс. Не знаев дека патот ќе ме донесе тука, но благодарен сум на повикот и што и јас ќе бидам уште еден македонски хајдуковец“ – вели Ивановски.

 

Се вчитува...