Ивановски: Пелистер падна во криза и потребна е сплотеност, ветувам подобри денови

Пелистер нанижа четири порази по ред во првенството, со што клубот од Битола падна во долниот дел на табелата. Серијата на порази почна со неуспехот од Македонија ЃП во Скопје, потоа следуваше шокантниот пораз од Арсими на домашен терен, па пораз од Работнички, и сега без бодови и против Башкими на свој терен.

Капитенот на екипата Мирко Ивановски, се извини на навивачите и на сите симпатизери, и вети дека клубот го очекуваат подобри денови.

„Како капитен сочувствувам со нашите навивачите во овој тежок момент за нашиот клуб и чувствувам потреба да им се обратам. Неочекувано западнавме во кризен период на игра и резултати и потребна ни е сплотеност и заедништво да излеземе од кризата. ,Се соочуваме со проблеми од разен тип, меѓу нив и повреди, но ако сме сите заедно верувам дека ќе излеземе од негативниот момент. Очекувам поддршка за оваа млада екипа, затоа што сезоната е долга, а во неа имаме многу цели за исполнување“, рече Ивановски, и дополни:

„Сакам да им го честитам почетокот на прославата на 40-годишнината на навивачката група „Чкембари“ и ветувам подобри денови. Овој роденден се поклопува со 80-от роденден на нашиот клуб и убеден сум дека заедно ќе славиме сезонава.“, заврши Ивановски.

Се вчитува...