Избор на ЕКИПА.МК: Ќатип Османи – тренер на сезоната 2017/18 во македонскиот фудбал

Шкендија има моќен спонзор, одлична клупска организација, но дури оваа сезона стана и фудбалска машинерија. Тимот предводен од Ќатип Османи демонстрираше огромна доминација во македонскиот фудбал, освојувајќи ја повеќе од заслужено двојната круна, пехарите во првенството и во Купот на Македонија.

Секој клуб си има свои амбиции и приоритети, во македонската Прва лига се наметнаа уште неколку тренери како одлични предводници на своите тимови, но на крајот сите заслуги одат кај човекот кој ги освои трофеите. Ќатип Османи со Шкендија ја грабна двојната круна и токму затоа апсолутно заслужено е изборот на ЕКИПА.МК за тренер на сезоната 2017/18 во македонскиот фудбал.

А тој е скромен, и потенцира дека сите во колективот Шкендија се заслужни за успесите, од спонзорот, преку неговиот стручен штаб, и пред се фудбалерите. Се разбира, им се заблагодарува и на навивачите за поддршката во текот на целата сезона.

„Мислам дека ги заслуживме освоените трофеи. Ова беше една успешна сезона за Шкендија, и за тоа се заслужни сите во клубот, почнувајќи од спонзорот кој ни озвоможи одлични услови за работа и силен тим, преку фудбалерите, стручниот штаб, па се до последната индивидуа која е дел од клубот. Би сакал во мое и во името на фудбалерите да им се заблагодарам и на навивачите за поддршката што ни ја дадоа во изминатава сезона. Сето тоа заеднички придонесе за да ги оствариме успесите и да ја освоиме двојната круна“, вели Ќатип Османи.

Шкендија имаше силен спонзор и во претходните сезони, и речиси истиот тим, но, немаше вакви успеси. Дојде Ќатип Османи и дојдоа и успесите. Тој открива во што е тајната на неговата работа…

„Тајната е во напорната работа и во односот што го имам со фудбалерите. Имаме неверојатна доверба, јас им верувам, а и тие се трудат на теренот да ги исполнат сите мои задачи и тактички замисли. Во една таква ситуација, а кога тимот несомнено поседува голем квалитет, резултатите се неминовни. И среќен сум што ги освоивме пехарите и во првенството и во Купот на Македонија, тоа е награда за добрата работа, но сега и обврска повеќе да продолжиме уште понапорно и да се претставиме квалитетно во квалификациите за ЛШ, а потоа и да се обидеме да ги одбраниме трофеите на домашната сцена следната сезона“, порачува тренерот на Шкендија.

Се вчитува...