Изненадувачка одлука на УЕФА пред стартот на Лигата на нации: Победник ќе се одлучува и со ждрепка

Зачудувачко правило на УЕФА донесено, поради коронакризата, на само неколку денови пред стартот на новата сезона од Лигата на нации. Во обидот да го задржи скратениот календар на сите свои натпреварувања во време на пандемија од УЕФА се подготвени натпреварите да ги одлучуваат и преку ждрепка.

Се чини, регуларноста е нарушена веќе во квалификациите од Лигата на шампионите кога Слован Братислава и клубовите од Косово беа исфрлени од Европа поради заразени во тимовите или поради законски одредби во земјите каде требаше да играат, а со новата одлука која се однесува на репрезентативните натпревари УЕФА потврди дека, во суштина, и нивните лиги повеќе не се се спортски натпреварувања.

Зачудувачки, УЕФА донесе одлука за престојните натпреварувања на репрезентациите победник на натпревар да може да се одлучи и по пат на ждрепка доколку закажаниот натпревар не се одигра поради позитивни случаи на коронавирус и притоа, поради згуснатиот календар, не може да се одреди нов термин. Во случај ниту една од двете селекции да не е одговорна за одложување или неможност да се одигра мечот, ждрепката ќе одлучува на кого ќе припадне победата.

Според одлуката на УЕФА, и при случаи на позитивни на коронавирус во националните селекции, натпреварот ќе може да се одигра само доколку репрезентацијата во која има позитивен случај на Ковид-19 има на располагање најмалку 13 фудбалери, вклучувајќи и еден голман. УЕФА исто така има право да одлучи натпреварот, доколку е неопходно, да се игра на неутрален терен.

Македонските репрезентативци, по првиот собир пред пресмеките со Ерменија и со Грузија, вчера ги реализираа првите тестови кои потврдија дена нема позитивен на Ковид-19 во националниот тим. Пред заминувањето и за Грузија на 7. септември, согласно регулативите за влез во оваа земја, репрезентативците повторно ќе бидат тестирани.

Се вчитува...