Басконија приреди огромно изненадување закитувајќи се со титулата шампион на Шпанија, триумфирајќи на завршниот турнир што во последните петнаесетина дена се одржуваше во Валенсија. Во големото финале вечерва Басконија за ривал ја имаше големата Барселона, но избраниците на Душко Ивановиќ со беспрекорно издание во одбраната стигнаа до минимална победа од 69-67.
Натпреварот мина во жестока битка на теренот и тактичко надмудрување на двајцата тренери, Душко Ивановиќ и Светислав Пешиќ. Барселона имаше контрола над играта во првото полувреме, во втората четвртина каталонскиот гигант поведе и со „плус десет“, но Басконија намали на 39-33 на крајот од полувремето. Барса имаше проблеми со нападот на стартот од третата четвртина, противникот го искористи тоа за да стигне до израмнување, по што до крајот на мечот се водеше битка за секоја топка.
Полонара погоди тројка за Басконија, но потоа при „плус три“ оваа екипа не реализираше три напади за да го реши финалето. Барса се врати и со трите слободни фрлања на Ориола стигна до израмнување, на десет секунди до крајот. Басконија одлично го одработе последниот напад, Полонара го проигра под обрачот Вилдоза, кој немаше тешка задача да ја смести топката низ обрачот. На каталонците им останаа три секунди, но обидот за тројка на Хигинс беше непрецизен, за крај на ова драматично финале со огромна радост на Душко Ивановиќ и неговите избраници.
Вилдоза со 17 и Шенгелиа со 14 поени беа најефикасни во победничкиот тим. Прв стрелец на Барса при вечерашниот пораз беше Ертел со 21 поен, додека целосно разочара Никола Миротиќ, кој реализираше само осум поени, но и заработи пет лични грешки на средина од последната четвртина, оставајќи го тимот на цедило токму во клучните моменти од ова финале.
Polonara with the assist of the season!!
Vildoza with the two points of the year!!Baskonia are the Liga Endesa Champions 2019-2020.
The Basque team beat Barcelona 69-67pic.twitter.com/wPsQMgt1Mk
— Emiliano Carchia (@Carchia) June 30, 2020
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА