Изненадување: Германците ја исфрлија Франција од Евробаскет

Второто осминафинале од Евробаскет 2017 го донесе и првото изненадување, откако Франција беше елиминирана од селекцијата на Германија (81-84). „Триколорите“ како и во групната фаза повторно одиграа меч со бројни осцилации, а паднаа кога беше најзначајно, во последната четвртина одиграа очајна одбрана и немаа одговор за прецизните шутеви од далечина на германските кошаркари, кои на крајот заслужено се радуваа на големата победа.

Француските кошаркари одлично го отворија мечот, користејќи ги низата грешки на противникот. Германците скапо платија за промашените отворени шутеви, па во првата четвртина постигнаа само десет поени, а противникот заслужено водеше со 19-10. Сепак, јасно беше дека германските кошаркари не можат цел меч да промашуваат, а штом почна да ги служи шутот, предноста на „триколорите“ забрзано почна да се топи.

francija germanija

Откако на полувреме се замина со позитива на Франција од 40-34, Германија одигра одлични втори 20 минути. Пред се клучен беше шутот од далечина, па откако погодија шест тројки во првите седум минути од последната четвртина Германците дојдоа и до најубедливи 77-69 во своја корист, пред се благодарение на извонредниот Тајс. Фурние со пет поени во низа намали на 77-74, а истиот кошаркар потоа постигна и тројка користејќи ја големата германска грешка за 81-79 на единаесет секунди до крајот. Лоу погоди само едно од двете слободни фрлања, по што по тактичкиот прекршок (да се спречи шут за тројка) Фурние беше два пати прецизен за Франција, намалувајќи на 82-81 на седум секунди до крајот. Бензинг беше прецизен од двата „пенали“, по што Де Коло го промаши шутот за израмнување, па Германија го доби овој драматичен меч со 84-81.

Тајс со 22 поени беше најефикасен кај победничката репрезентација, заедно со Шредер кој реализираше 21 поен и осум асистенции. Кај Франција осамен во нападот беше Фурние, кој го заврши мечот со 27 поени (дури деветнаесет во последната четвртина).

Германија во четвртфиналето ќе се сретне со подобриот од дуелот Шпанија – Турција.

Се вчитува...