Изненадување: Младиот Анес Османоски повикан во А-репрезентацијата

Младиот 17-годишен фудбалер на германскиот третолигаш Унтерахинг, Анес Османоски, доби изненадувачки повик во А-репрезентацијата на Македонија за пријателскиот натпревар против Норвешка на 11 ноември. Ова е продолжување на намерите на селекторот Игор Ангеловски да воведува млади и талентирани фудбалери да ја почувствуваат атмосферата како дел од сениорскиот национален тим.

Претходно, вакви потези имаше и со Дарко Чурлинов, кој стана и најмлад фудбалер во историјата кој настапил во дресот на Македонија со 16 години и осум месеци, на пријателскиот меч со Белорусија, како и со Јани Атанасов. Тука е секако и мегаталентот Елиф Елмас, кој се наметна и како конкурентен за првиот состав на „црвено-жолтите“.

„Повик за овој собир добива Анес Османоски, младиот талентиран играч за врска на Унтерахинг. Тој ќе добие шанса да биде со нас, со што ќе го продолжиме трендот на воведување на млади фудбалери во А-репрезентацијата. Дополнителен повик доби и Кире Маркоски од Работнички, а со нас ќе остане и Кире Ристевски, кој иако имаше одредени проблеми со повреда, се надеваме дека ќе се опорави за настап. Висар Муслиу и Љупчо Дориев дефинитивно ќе отпаднат поради повреда, а се чекаат последните информации за Аријан Адеми, кој денеска прави специјални медицински тестови во Загреб. Доколку се биде в ред, ќе ни се приклучи, во спротивно, нема да биде дел од овој собир“, вели за ЕКИПА, селекторот Игор Ангеловски.

Од претходно е познато дека Никола Ѓорѓев поради повреда и Илија Несторовски на барање на италијанскиот клуб Палермо, нема да бидат дел од составот, иако беа на списокот на селекторот Ангеловски.

Македонската фудбалска репрезентација првиот тренинг ќе го има денеска од 16 часот на комплексот на ФФМ. Последен треба да пристигне Езгјан Алиоски, но се очекува и тој да биде присутен на првиот тренинг.

Се вчитува...