Изненадување: Недвед го носи Михајловиќ за нов тренер на Јувентус?

Синиша Михајловиќ е најновиот кандидат во трката за нов тренер на Јувентус за наредната натпреварувачка сезона, објавија неколку италијански медиуми, потенцирајќи дека Србинот може да им ги замрси сметките на Алегри и на Зидан, кои досега важеа за единствени конкуренти за оваа функција.

Андреа Пирло дефинитивно ќе си замине од клупата на „старата дама“, а се очекува клубот да го напушти и директорот Паратичи, кој го донесе Пирло на кормилото минатото лето. Ова ќе значи дека поголеми овластувања за носење одлуки ќе добие Павел Недвед, а токму чешката легенда лично го препорачала Михајловиќ кај претседателот Ањели. Србинот е барем двојно поевтина варијанта и од Зидан и од Алегри, што во услови на финансиска криза на најтрофејниот италијански клуб сигурно ќе биде значаен фактор при одлуката.

Исто така, Михајловиќ важи за темпераментен стручњак што секогаш наоѓа начин да го извлече најдоброто од тимот, чиста спротивност од тивкиот Пирло. Челниците на Јуве сметаат дека овој подмладен состав може да игра многу подобро под водство на врвен мотиватор, карактеристика што го краси српскиот стручњак.

Во секој случај, одлуката ќе биде донесена по завршувањето на сезоната, кога ќе биде познато дали Јувентус ќе обезбеди пласман во ЛШ или во следната сезона ќе мора да се натпреварува во Лигата на Европа.

Се вчитува...