Изненадување во Мадрид: Зверев станува кошмар за Надал

Александар Зверев станува вистински кошмар за Рафаел Надал откако германскиот тенисер славеше на денешниот дуел во Мадрид со 2-0 во сетови, негов трет меч во низа над шпанскиот ас. Згора на тоа, победата е забележана на земјена подлога на која Надал долго време важеше за „недопирлив“, но Шпанецот се почесто покажува слабости, а Зверев е еден од оние кои максимално знаат да ги казнат неговите грешки.

Почетокот на мечот донесе израмнета битка, а кога Надал поведе со 4-2 се чинеше дека шпанскиот ас нашол начин да го неутрализира германскиот ривал. Сепак, Зверев го шокираше петкратниот првак во Мадрид добивајќи четири гејма во низа, освојувајќи го првиот сет со 6-4.

Видно охрабрен по развојот на настаните, Зверев направи брејк и во вториот сет, потоа ја задржа предноста до самиот крај и конечните 6-4, 6-4.

Ривал на Зверев во полуфиналето ќе биде Доминик Тим, кој ја доби својата четвртфинална пресметка против Џон Иснер со 2-1 во сетови.

Се вчитува...