Јагр не се предава – на 45 години потпиша договор од милион долари!

Еден од најдобрите хокеари на сите времиња, Чехот, Јаромир Јагр, не се предава ни во петтата деценија од животот. Јагр реши да продолжи кариерата и на 45-годишна возраст да одигра уште една сезона во НХЛ. Во новата сезона во американската хокеарска лига, Јагр ќе го носи дресот на Калгари со кој потпиша договор на една година вреден еден милион долари!

Не мислам дека сум толку лош за да не можам да играм“ – изјави 45-годишниот Јагр.

Чешкиот хокеар во НХЛ дебитира уште во сезоната 1990/1991 во тимот на Питсбург пингвинс со кој освои две шампионски титули (1991, 1992). Во најсилната хокеарска лига во светот Јагр досега има одиграно вкупно 23 сезони во текот на кои на 1711 натпревари има постигнато 1914 поени (765 голови и 1149 асистенции). По бројот на бодови Чехот се наоѓа на второто место на вечната листа. Пред него е само легендарниот Вејн Грецки со 2857 бода, а по бројот на одиграни натпревари, тој е на четвртото место.

Калгари ќе биде деветиот НХЛ тим во кариерата на Јаромир Јагр. Најдолго беше член на Питсбург за кој настапуваше во периодот од 1990 до 2001, потоа играше за  Вашингтон (2001-2004), Њујорк ренџерс (2004-2008), Филаделфија (2011-2012), Далас (2012-2013), Бостон (2012-2013), Њу Џерси (2013-2015) и за Флорида (2015-2017).

Покрај двете титули во НХЛ, Јагр има и две титули светски шампион освоени со репрезентацијата на Чешка во 2005 и во 2010 година и олимписка титула од ЗОИ 1998 во Нагано.

Се вчитува...