Јаја Туре ќе игра фудбал во Грција

Поранешниот фудбалер на Манчестер сити, Јаја Туре, е многу близу до наоѓање на нов клуб, и тоа во соседна Грција. Како што јавува ЕСПН, Олимпијакос ќе биде клубот што ќе потпише договор со 35-годишниот играч за врска, кој е слободен играч по истекот на договорот со „граѓаните“ од Манчестер.

Британските медиуми синоќа објавија дека Туре во Лондон ги минал неопходните лекарски прегледи пред трансфер, по што почнаа и шпекулациите околу неговиот иден клуб. Најпрвин се шпекулираше за лондонските клубови од Премиер-лигата, но последните информации говорат дека тој е решен да си замине од Англија и кариерата да ја заврши надвор од „островот“.

Интересно, Јаја Туре има настапувано за Олимпијакосво раната фаза од својата кариера. Тој ја мина сезоната 2005/06 во дресот на грчкиот гигант пред да се пресели во Монако, по што следеше и ѕвездено трасирање на неговата кариера. Олимпијакос сака да состави тим за да се врати на тронот на грчкиот фудбал, а челниците на „црвено-белите“ веруваат дека со Туре ќе добијат и квалитет и искуство за такво нешто.

Асот од Брегот на Слоновата Коска во 2010 година се пресели од Барселона во Манчестер сити, по што во дресот на „граѓаните“ одигра 315 натпревари, постигнувајќи 79 гола и притоа освојувајќи три титули во Премиер-лигата и еден трофеј во ФА Купот на Англија.

Се вчитува...