Јакимовски: Сонував за денот кога ќе заиграм за оваа репрезентација

Андреј Јaкимовски е меѓу првите кои ќе добијат шанса во процесот на подмладување на кошаркарската репрезентација под водство на Александар Тодоров. Големиот талент играше извонредно за младите селекции на европските шампионат, а беше избран и во идеалната петорка од ЕП – Б дивизија што се одржа минатото лето во Романија.

Тој продолжи со одлични игри и во младинската италијанска лига, каде е незапирлив за ривалите, а 18-годишниот кошаркар истовремено настапува и во втората италијанска лига, за здобивање на искуство во сениорската кошарка.

„За мене ова е огромна чест, работев напорно и сонував за денот кога ќе заиграм за оваа репрезентација. Знам дека добрите игри за младата селекција се препорака, но исто така се и обврска да продолжам во ист стил. Чест ми е што сум овде, што можам да работам со најдобрите сениорски кошаркари во државата, подготвен сум да помогнам во она што стручниот штаб ќе го побара од мене. Благодарен сум на довербата што е покажана во мене, се надевам дека ќе ја оправдам на вистински начин. Младоста не е никаков проблем, сезонава играм и за Баскет Торино во втората лига, секој ден тренирам со кошаркари повозрасни од мене, така што тоа нема да претставува никаков хендикеп кога ќе излезам на теренот“, изјави Јакимовски.

Се вчитува...