Актуелниот стратег на Динамо Загреб, Сергеј Јакировиќ ќе добие отказ на „Максимир“ на крајот од сезоната дури и клубот да ја освои двојната круна, пренесува „Спортске новости“ во денешната бомбастична вест од хрватскиот фудбал.
Како што пишува највлијателниот спортски хрватски медиум, новиот претседател на Динамо, Велимир Зајец веќе одлучил дека Јакировиќ на крајот од сезоната ќе биде поранешен без разлика на резултатите на тимот. Зајец, наводно, веќе му ја соопштил својата одлука на Јакировиќ кој е подготвен да си замине во јуни.
А, уште поинтересно е тоа што Зајец на клупата сака да го врати Игор Бишчан, кого Јакировиќ го наследи во текот на актуелната сезона. Но, Бишчан, како што е познато, беше сменет пред Зајец да дојде на претседателската функција во клубот.
Извори на „Спортске новости“ од Динамо Загреб тврдат дека Јакировиќ воопшто не ги исполнил очекувањата на раководството, без разлика на помалку среќните резултати и победите на дуелите со конкурентите за титулата кои доаѓаа низ едни среќни околности.
Но, веднаш по објавената информација се огласи Динамо Загреб кој ги демантираше овие, како што вели, шпекулации.
„Динамо дава полна поддршка на тренерот Сергеј Јакировиќ како и на целиот тим. Убедени сме од првиот ден дека нашата екипа предводена од тренерот Јакировиќ уште еднаш ќе докаже дека сме најдобри во Хрватска. Написите кои се појавија утрово се потполно невистинити и Динамо остро ги отфрла“ – се вели во соопштението на Динамо Загреб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА