Јанески се премисли, потпишува за Работнички

Марјан Јанески ќе биде второто засилување на Работнички во летниот преоден рок, откако актуелниот првак потпиша договор со Бобан Стајиќ, а во следните денови ќе го стори истото и со крилниот центар на Куманово. Овој искусен кошаркар се наоѓаше на листата на желби на Марин Докузовски од почетокот на летово, Јанески во меѓувреме беше многу близу до нов договор со Куманово, но најавите за промени во управата на „сино-белите“ го натераа да го промени својот став, па на крајот сепак се реши за преселба во „Градски парк“.

Со доаѓањето на овој кошаркар стручниот штаб на Работнички целосно ја комплетира центарската позиција, каде покрај Јанески тренерот Докузовски на располагање ќе ги има и Ѓорѓи Чековски, Кире Николовски и Бојан Крстевски.

За очекување е со трансферите на Стајиќ и на Јанески актуелниот шампион дефинитивно да го заокружи ростерот за наредната сезона, а во однос на шампионската екипа ќе ги нема Американците Гинјард, Робинсон и Еванс. Од странските кошаркари во „Градски парк“ би требало да остане единствено бугарскиот репрезентативец Чавдар Костов.

Се вчитува...