Јаневски: Имаме план „Б“ за засилувања

Македонскиот првак Вардар влезе во втората фаза од зимските подготовки и досега одигра три од планираните шест пријателски натпревари во Анталија. Со една победа и два порази, тренерот Чедомир Јаневски за официјалниот клупски сајт го анализира сработеното, и најавува дека „црвено-црните“ имаат план „Б“ за ангажман на нови засилувања. Да потсетиме, од Вардар си заминаа двајца репрезентативци, Бобан Николов, кој потпиша за унгарски Видеотон, и Висар Муслиу, кој ја искористи ставката во аматерскиот договор и преку Приштина најверојатно ќе заврши во Шкендија.

„Не е тајна дека имаме план да донесеме нови играчи. Еден не ги помина лекарските прегледи и не потпиша. Затоа тука е планот „Б“ и очекувам во следниот период Вардар да добие уште некое ново име во своите редови. Не би сакал сега ништо подетално да откривам, сите ќе дознаат кога ќе биде и официјално дел од нашиот клуб. Правиме напори да донесеме засилувања, за да направиме компактибилен тим. Свесен сум дека не е лесно, затоа што како што реков и порано во зимскиот преоден рок тешко се наоѓаат квалитетни играчи кои се во натпреварувачки ритам. Бевме многу блиску да донесеме нов фудбалер, но се случи да падне на лекарскиот преглед. Имаме неколку млади играчи кои што можат да ни помогнат, иако знам дека со уште еден – двајца нови и искусни играчи на клучните позиции, ќе бидеме уште посилни“, вели Чедомир Јаневски.

Подготовките засега течат според планот, а единствен проблем е здравствената состојба на Дарко Велковски, кој поради непријатна повреда се врати во Скопје на лекување.

„Планот што го направивме пред доаѓањето тука во Анталија, на среќа и на мое задоволство оди по нормален тек. Сè што е планирано до сега е исполнето. Работиме во добра атмосфера, новите играчи одлично се вклопија, исто така и младите фудбалери од нашата школа добро работат. Можеме да бидеме задоволни до сега, и главната цел до сега во првите десетина дена ни беше да се подобриме на физички план што ќе биде многу важно за вториот дел од првенството. Низ првите три натпревари сакавме да им дадеме шанса на сите играчи, правевме многу измени во текот на мечевите и затоа можеби и резултатски не поминавме добро. Важно беше да пробаме на некои позиции нови играчи, се случуваа многу ротации, а на некои позиции бевме принудени да играме со исти фудбалери. Резултатите секако се важни, но најважно ни е, како што реков, добро да се подготвиме и низ натпреварите, и низ тренинзите кои ги работиме во Анталија“, истакнува шефот на стручниот штаб на Вардар.

Се вчитува...