Јаневски: На полувреме ги охрабривме играчите, резервите направија разлика

Шефот на стручниот штаб на Вардар, Чедомир Јаневски очекувано е среќен по победата во дербито над Шкендија, нагласувајќи дека фудбалерите со односот во вториот дел ја заслужиле победата.

На полувремето Јаневски ги охрабрил фудбалерите дека може да дојдат до победата…

„Знаев дека не можевме да одиграме 90 минути слабо. После првите 45. минути само ги охрабривме и да веруваат во своите квалитети и да тргнат похрабро кон противничкиот гол. Тоа го направија, и оваа победа е заслужена. Благодарност и до публиката која ни даде поддршка и на крајот ги израдувавме со три бода во ова дерби“ – вели тренерот на „црвено-црните“ за официјалната интернет страница на клубот.

Тренерот Јаневски на крајот ги искажа своите импресии од првиот настап од Максим Максимов.

„Максимов не одигра добро во првото полувреме и како што знам низ тренинзите. Но во вториот дел го уфрливме Итало и со тоа заедно одлично функционираа. Резервите исто така направија разлика, а тоа кажува дека на еден натпревар е важна и клупата, не само првите 11 играчи“ – вели Јаневски и дополнува:

„На овој натпревар играа двете најдобри екипи во првенството.  Првото полувреме го почнавме срамежливо. Се чекаше на грешка, а како одминуваше времето во финишот Шкендија одигра малку подобро од нас. Ние немавме решение во организација на нападот. Тоа Шкендија добро го искористи и во една добра организација, знаевме дека нивниот напад е посилниот дел од тимот, и беа поопасни, и тоа резултираше со гол. Првото полувреме го одигравме под нашите можности. Во вториот дел направивме две измени, го сменивме начинот на играта и со висок притисок им направивме доста проблеми на Шкендија. Почнавме добро и тоа веднаш резултираше со израмнување. За жал не траеше долго бидејќи противникот стигна до ново водство. Потоа за мене се случи еден многу важен момент. Веднаш дојдовме до гол и до 2:2 и тука можам да искажам честитки за играчите кои не се обесхрабрија. После тој израмнувачки гол бевме подобар тим. Можевме порано да го решиме победникот во завршницата каде што требаше само порано да го „погодиме“ играчот за тој да реализира. Сите честитки одат на играчите, затоа што против ваков противник кој што немаше пораз да го завртиш резултатот и да му дадеш четири гола, тоа е за почит“.

Се вчитува...