Јаневски: Направив грешка што ја напуштив репрезентацијата…

Шефот на стручниот штаб на Вардар, Чедомир Јаневски гостувајќи во спортската емисија „Куќа на фудбалот“, а осврнувајќи се меѓу другото и на периодот кога беше на клупата на македонската репрезентација, вели дека направил грешка со одлуката да замине од Македонија во 2013 година и да ја прифати понудата да го предводи белгиски Монс…

На прашањето дали можеби останал должен кон националниот тим и првиот човек на ФФМ, поради начинот на заминување, Јаневски вели дека коректно се разделил, но прифаќајќи дека не донел добра одлука…

„Не е точно дека останав должен кон националниот тим, а со претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски и денеска сме во постојан контакт. Јас може само да кажам дека, по тој повик од Монс тогаш, направив грешка… И тогаш, после еден месец или два, јас кажав дека одлуката да ја напуштам репрезентацијата и да одам во Монс не ми беше добра како што очекував. Но, тоа беше се покасно… А, во тие моменти мислев дека носам исправна одлука, но потоа се покажа дека клубот нема амбиции за високи дострели“ – вели Јаневски, на прашањето околу заминувањето од националниот тим притоа не одговарајќи до крај и околу коректноста на заминувањето, оставајќи ја репрезентацијата без селектор непосредно пред последните два натпревари пред крајот на циклусот.

„Јас не можам да кажам дека избегав од репрезентацијата, затоа што имаше клаузула во договорот во случај на раскин. А, јас ја испочитував клаузулата“.

Периодот на селекторување на Чедомир Јаневски беше поврзан и со еден од најголемите скандали во историјата на националниот тим, кога самиот Јаневски сосема оправдано ги исфрли од селекцијата Горан Попов и Стевица Ристиќ. Тогаш, иако поголемиот дел од добро информираната спортска јавност ги знае причините за тоа, никој официјално не соопшти за скандалот во „Александар Палас“…

Сега, Јаневски повторно соработува со Горан Попов. И тоа, случајно или не, веднаш по назначувањето на Јаневски за нов тренер на Вардар, раководството на клубот одлучува да ја продолжи соработката со Горан Попов. Претходно, како што беше објавено во јавноста, левокрилниот дефанзивец и Вардар во јуни се договорија на заеднички договор за раскин на соработката, но на крајот од август одлучено е Попов да ги доработи шестте месеци од договорот, до јануари 2018 година.

„Мора да разјаснам дека Попов не сум го вратил јас. Тој не ни заминал од Вардар во периодот кога јас потпишав со клубот. Горан Попов имал важечки договор и тој во тие моменти барал во ситуација ако најде клуб да може да си замине. Но, не најде клуб, имаше важечки договор и остана во клубот. Попов е дел од составот на Вардар, ќе биде третиран како и сите други фудбалери во тимот, како и сите така и за него ќе важи правилото, колку ќе заслужи, толку ќе игра“ – рече меѓу другото Јаневски во интервјуто за „Куќа на фудбалот“ која се емитува на ТВ Нова.

Се вчитува...